Амандманската расправа по Предлог – буџетот за 2023 година на Собраниската комисија за финансирање и буџет продолжува утре, откако денеска беа разгледани и одбиени неколку амандмани предложени од пратениците на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ предложи амандман за обезбедување средства во висина од четиристотини милиони денари за помош на граѓаните преку поврат на целиот износ на ДДВ за прехрамбените производи кои ќе ги купуваат секој викенд до крајот на кризната состојба.
Според заменик министерот за финансии Филип Николовски ваквата мерка не е потребна, бидејќи како што и Владата претходно соопштила, направени биле анализи според кои се размислува од следната година да има два викнда без ДДВ за граѓаните за производите за прехрана.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Игор Здравковски образложи дека мерката изземање на ДДВ за прехрамбени производи, ќе значи директна помош за граѓаните да можат да го зголемат својот потрошувачки капацитет, меѓутоа да се помогнат и производствените капацитети и трговците за кои како што рече тој „имаат намален промет и намалена потрошувачка од следната година”.
Пратничката од СДСМ Даниела Марковска, истакна дека амандманот е апсурден, со објаснување дека економски е невозможен и без ефект.
– Кога ние ја носевме мерката викенд без ДДВ, вие ја исмејувавте, ја понижувавте, а токму сега поднесувате таков амандман со кој не барате еден викенд без ДДВ, туку наредни четири месеци секој викенд без исклучок да биде викенд без ДДВ за прехрамбената индустрија. И овој апсурден амандман економски не е ефикасен, јас не верувам дека вие сте се консултирале со вашите економисти, а доколку не сте исконсултирале слободно прашајте ги дали вакво нешто може да се издржи, па и во оваа ситуација во која се наоѓаме сите, па и во било кое друго време, рече Марковска.
Со три гласови за и седум против овој амандман не беше усвоен.
Исто така, комисијата не го изгласа и предложениот амандман за обезбедување средства во висина од 70 милиони денари за формирање посебен развоен фонд за туризмот и угостителството, субвенционирање на угостителски капацитети кои би добиле статус зелени хотели, евидентирање и промоција на верски објекти, развој на спа и здравствен туризам, спортски адреналински ловен и риболовен туризам, изработка на студија за развој на алатернативни форми на туризам и уредување на плажи прилагодени за лицата со посебни потреби.
Заменик министерот за финансии рече дека средставта за развој и поддршка на туризам се обезбедуваат преку два буџетски корисници, преку Министерството за економија и Агенција за промоција и поддршка на туризмот, и токму овие средства како што рече тој се реализираат преку владина програма која опфаќа активности базирани на утврдени приоритети, политики и стратегии во областа на туризмот.
Во рамки на оваа седница претходно беа одбиени уште два амандмани предложени од опозицијата, а се однесуваа на набавка на 50 противпожарни возила и зголемување на платите за 10 проценти во Министерството за внатрешни работи.