Амандманска расправа за буџетот за 2025: Ќе се потрошат двојно повеќе за пензии отколку за инвестиции

by Fokus

Во Собранието продолжи амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година. Поднесени се вкупно 307 амандмани од кои 204 се на опозициската СДСМ.

Вкупните приходи во Предлог-буџетот се планирани на ниво од 358,8 милијарди денари, а расходите на ниво од 400,2 милијарди денари.

Буџетскиот дефицит е проектиран во апсолутен износ од 41.350 милиoни денари или на ниво од 4 проценти од планираниот БДП. Инфлацијата се очекува да се намали на ниво од 2,2 проценти, како резултат на стабилизирањето на цените на основните прехранбени производи и на енергенсите на меѓународниот пазар, забавувањето на странската ефективна инфлација, како и поумерениот притисок од базичната инфлација.

Извозот се очекува да има раст од 4,2 проценти, а увозот од 4,4 проценти како резултат на очекувањата за постепено стабилизирање на меѓународното опкружување и зголемувањето на надворешната побарувачка.

Капиталните расходи во новата буџетска 2025 та ќе изнесуваат околу 820 милиони евра од кои 248 милиони евра се наменети за Министерството за транспорт и врски. Од овие пари повеќе од половина или 130 милиони се наменети за патна инфраструктура.

Министерството за одбрана следната година за капитални инвестиции ќе има на располагање 140 милиони евра со намена за модернизација на одбраната, изградба и реконструкција на објекти и интеграција во НАТО.

Во 2025 та ставката за капитални расходи на Министерство за финансии – функции на држава ќе изнесува 93,6 милиони евра од кои 45,6 милиони евра е сума наменета за инфраструктурни проекти за општините кои аплицираа за парите од унгарскиот кредит.

Министерството за образование следната година за капитални инвестиции ќе има на располагање 25,9 милиони евра.

Министерството за животна средина следната година следната година ќе добие само 8 милиони евра а новото Министерство за спорт, за спортски објекти и за инфраструктурни проекти во општините, добива 6,2 милиони евра.

За Министерството за земјоделство предвидени се 5,1 милион евра за капитални инвестици односно за хидросистеми и програми за наводнување.
Министерството за здравство ќе добие 4,3 милиони евра за капитални инвестиции од кои за болницата во Кичево предвидени се 244.000 евра а за новиот Клинички центар Скопје и клиничкиот центар во Штип 366.000 евра.

За реконструкција и опремување на објекти за детска заштита и за домови за стари лица државата ќе одвои ситни 2,5 милиони евра преку Министерството за социјална политика и демографија, додека новото Министерство за енергетика за капитални расходи добива 1,7 милиони евра за гасификација.

Според министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, Предлог-буџетот е развоен со социјална компонента во кој дополнителна карактеристика е тоа што трендот на раст на расходите е понизок од трендот на раст на приходите, односно приходите се зголемени за 13 проценти, а расходите за 10 проценти во однос на 2024 година, што придонесува кон консолидација и намалување на буџетскиот дефицит за околу 3,3 милијарди денари.

Расправата за Предлог-буџетот во собраниската Комисија за финансирање и буџет трае вкупно 10 дена и треба да заврши најдоцна до 30 ноември по што продолжува на пленарна седница. А треба да биде изгласан до крајот на годината.

О.К.

Поврзани новости