Адвокатот за човекови права Амал Клуни беше специјален советник во истрагата на Меѓународниот кривичен суд (МКС) кој бараше издавање налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и лидерот на Хамас, пишува Гардијан.
Весникот наведува дека главниот обвинител на судот, Карим Кан ѝ се заблагодарил на Клуни во изјава, велејќи дека таа е дел од „панелот на експерти за меѓународно право“ на кои тој се обратил за совет.
„Комисијата е составена од експерти со огромна репутација во меѓународното хуманитарно и кривично право“, рече Кан.
Во соопштението објавено од Фондацијата за правда Амал Клуни, беше објаснето како таа учествувала во случајот во кој МКС побара налог за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, министерот за одбрана Јоав Галант и лидерот на Хамас за наводни воени злосторства и злосторства против човештвото.
„Пред повеќе од четири месеци, обвинителот на Меѓународниот кривичен суд (МКС) ме замоли да му помогнам да ги проценам доказите за сомнителни воени злосторства и злосторства против човештвото во Израел и Газа. Се согласив и се приклучив на панелот на меѓународни правни експерти. Заедно, се вклучивме во обемен процес на преглед на докази и правна анализа во Меѓународниот кривичен суд во Хаг – изјави Клуни.
Таа посочи дека, и покрај нивното различно лично потекло, правните наоди на тие експерти биле едногласни и дека тие едногласно утврдиле дека судот е надлежен за злосторствата извршени во Палестина и од палестински граѓани.
„Едногласно заклучуваме дека постојат разумни основи да се верува дека лидерите на Хамас Јахја Синвар, Мохамед Дајф и Исмаил Ханија извршиле воени злосторства и злосторства против човештвото, вклучително и земање заложници, убиства и злосторства на сексуално насилство. Едногласно заклучуваме дека има разумни основи да веруваме дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и израелскиот министер за одбрана Јоав Галант извршиле воени злосторства и злосторства против човештвото, вклучително и гладување како метод на војување, убиства, прогон и истребување – изјави Амал Клуни.
Таа претходно беше критикувана на социјалните мрежи дека не зборува јавно за војната во Газа и објасни дека ја прифатила поканата на судот да биде советник во овој случај бидејќи верува во владеењето на правото и потребата да се заштитат животите на цивилите.