Алтернатива во вторник ќе одлучи дали ќе ја прифати поканата за почнување на преговори за влез во владата, велат од партијата за Фокус по средбата меѓу премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев и лидерот на Алтернатива, Африм Гаши.
Оваа партија е пред одлука дали да се приклучи кон власта и да го зголеми парламентарното мнозинство со четворица пратеници или да ја продолжи соработката со опизициските ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците.
Неофицијално во партијата нема едногласна согласност каква одлука да се донесе. Заев пак најави дека ќе ја ефектуира оставката од партијата и владата кога ќе се осигура дека мнозинството е стабилно, односно во вторник, истиот ден кога одлуката ќе ја донесе Алтернатива.
Според ВМРО-ДПМНЕ, Алтернатива има две опции или да го слушне гласот на граѓаните или да биде дел од криминалното милје на Заев.
-Ако Алтернатива мисли дека треба да биди дел од влада на СДСМ и ДУИ и на сето она што тие како багаж го носат со себе, криминал, корупција, сиромаштија, тогаш навистина искрено жалиме.
Алтернатива има две опции, едната е да го послуша гласот на граѓаните кои на овие локални избори гласно се спротивставија на политиките на СДСМ и ДУИ, или да тргне по трката за позиции и со тоа да се претопи во криминалното милје на Заев, изјави портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева.