Алтернатива нема информации за реконструкција на Владата и за замена на партијата во владината коалиција со Алијансата на Албанците, а и премиерот Димитар Ковачевски денеска официјално потврди дека тоа се само шпекулации, истакнуваат за МИА од партијата.
Според истите извори, за тоа дали Алтернатива ќе ја напушти владината коалиција не одлучува никој друг, освен партиските органи кои што и донесоа одлука за влез на партијата во Владата.
– Вие знаете дека Алтернатива ја стабилизира оваа Влада и тоа го знаат добро и нашите владини и меѓународните партнери. Ако некој заборавил на тој чин на Алтернатива, тоа сигурно не е од склероза. Ние не влеговме во Владата, бидејќи молевме или се додворувавме, туку бидејќи бевме замолени од низа домашни и странски фактори да го сториме тоа, поради процесот на евроинтеграцијата, велат од Алтернатива.
Од партијата посочуваат дека парламентарното мнозинство е стабилно и нема потреба за негово засилување, потенцирајќи дека односите со другите партнери во Владата им се коректни и „во рамките на колегијални односи”.