Алтернатива, партијата која е дел од коалицијата „Влен“, алабанскиот партнер во новата влада, го повлече предлогот Сафије Садики – Шаини да биде заменичка министерка во Министерството за односи со заедниците, со коешто треба да раководи Иван Стоиљковиќ од Демократската партија на Србите.
-Сафије Садики не е повлечена, туку ќе биде заменичка во Министерството за спорт, изјави за „Фокус“, Орхан Муртезани до Алтернатива. Тој појаснува дека сменето е заменичкото министерско место, па наместо во Министерството за односи со заедниците, заменик ќе имаат во Министерството за спорт, со кое треба да раководи, Борко Ристовски.
Кој ќе му биде заменик на Стоиљковиќ засега е непознато.
Стоиљковиќ наиде на остри критики од Европскиот фронт, предводен од ДУИ откако мандатарот Христијан Мицкоски го поднесе предлогот за состав на новата Влада, а меѓу имињата се најде и Стоиљковиќ.
Тие го киритикуваа дека е поддржувач на руските политики, а Мицкоски вчера кажа дека единствено му е важно идните министри да бидат промакедонски и да работат за доброто на татковината.
Денеска не сакаше да одговори конкретно на новинарско прашање, дали од коалицијата „Влен“ добил позитивно мислење за поставување на Стоиљковиќ.
Повтори дека вчера се произнесол по тоа прашање, при доставувањето на предлогот и програмата за состав на Влада во Собранието, не сака да се дефокусира јавноста од вистинските теми.
– Вистинските теми се како да отвориме повеќе вакви фабрики како да ги вратиме младите. Како идна Влада треба да работиме да ги полниме овие фабрики и да ги вратиме тие млади луѓе овде во Македонија, тука да ги градат своите семејства. Ајде сите заедно да работиме на иднината, да не се враќаме на анахрони, шовинистички националистички теми. Знам дека има такви политичари кои тоа го мотивираат, но тие се поразени од народот повеќе од 600 000 граѓани гласаа за оваа коaлиција. Дебатата продолжува во Парламентот и тоа што имав да кажам јас го кажав уште во текот на вчерашниот ден започна, рече Мицкоски.
Од крилото на Зијадин Села, кој сега е во коалиција со ДУИ, на „Влен“ им порачаа дека наместо да ја менува заменичката требало да го условат мандатарот да го смени Стоиљковиќ.
-Овој чекор само докажува дека тие немаат апсолутно никакво влијание врз коалицијата во која влегоа и не можат ништо друго освен да се жртвуваат. Дополнително, со неодамнешната одлука за смена на г-ѓа Садики од Министерството за односи меѓу заедниците, ова министерство целосно му го дават на Стоилковиќ, а сега Албанците нема да имаат ни заменик во тој ресор, велат од Алијанса.
Ф.Ф.С.