Алтернатива наредниве денови ќе одлучи дали ќе ја прафати поканата на премиерот , Зоран Заев кој го покани лидерот на партијата, Африм Гаши да разговараат оваа партија да стане дел од парламентарното мнозинство, велат од Алтернатива за Фокус.
Одлуката би требало да се донесе на партиски состанок, но други детали од Алтернатива не откриваат.
Заев денеска во изјава за Алсат потврди дека во текот на денот имал комуникација Гаши и побарал од него да го избере денот кога сака да се сретнат за да разговараат околу можноста Алтернатива да стане дел од Владата.
Гаши минатата недела изјави дека немале добиено понуда од СДСМ, и рече дека е принципиелно прво да дискутираат со ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците за да видат каков е нивниот капацитет за развој на понатамошните процеси и за излез од кризата. Сепак СДСМ неофицијално разговара со повеќе партии за окрупнување на парламентарното мнозинство кое сега брои 59 пратеници.
Официјално велат дека следуваат разговори со сите демократски сили и пратеници од демократскиот и прогресивниот блок.
Пратеникот од Беса, Кастриот Реџепи кој во четвртокот не се појави во Собрание и поради него пропадна иницијативата за изгласување на недоверба на владата, денеска на прес-конференција рече дека останува пратеник на Беса и дека ќе дејствува како дел од владејачката коалиција бидејќи, иако Беса соопшти дека излегува од Владата и министерот Аријанит Хоџа и двајцата заменик-министри поднесоа оставка, пратеникот тврди оти и за тоа е потребна одлука на Централниот одбор.
Алтернатива има четворица пратеници во Собранието кои може да бидат одлучувачки за тоа кој ќе состави мнозинство во Собранието.
Ф.Ф.С.