Алтернатива бара разрешување на министерот Алиу од Алијанса, зашто си го вработил зетот

by Фокус

Опозициската Алтернатива бара лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари да даде оставка или да го разреши министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу, зашто, како што велат, зетот Дритан Даути си го вработил за шеф на кабинет во Министерството.

„Податоците на Министерството за информатичко општество и администрација покажуваат дека Дритан Даути е вработен како посебен советник-шеф на кабинетот на министерот за информатичко општество и администрација. Бидејќи се покажува дека е точно, дека министерот Алиу го има вработено својот зет за шеф на неговиот кабинет, и самиот министер јавно пред медиумите призна дека му е зет, тогаш бараме од Таравари да си го одржи ветувањето и да даде своја оставка или пак да го разреши министерот Алиу“, велат од Алтернатива.

Од партијата на Африм Гаши бараат Државната комисија за спречување корупција да отвори предмет за овој, според нив, јасен случај на непотизам.

„Ваквите случаи на фамилијарно вработување за жал придонесуваат на директен начин во заминувањето на младите од земјата, заминувањето на професионалците бидејќи тие гледаат дека непотизмот продолжува да цвета во нашата земја. Една партија која влезе во владата тврдејќи дека поинаку ќе владее, се гледа дека многу брзо ги има целосно преземано формите на владеење на нивниот партнер ДУИ, кои се шампиони за непотизам“, велат од таму.

Поврзани новости