Алтернатива бара од премиерот Димитар Ковачевски да испрати писмо до Европската комисија со кое ќе побара тим од независни експерти да извршат меѓународна истрага на процеси за кои, според партијата, постои сомнеж дека било вршено политичко влијание, како што се „Монструм“, „Алфа“, „Диво насеље“, „Малиот Алмир“, изјави денеска партискиот генерален секретар, Зеќирија Ибраими.
– Повод за денешната прес-конференција е вчерашната изјава на премиерот Димитар Ковачевски дека до Европската комисија ќе процесира писмото за монтираните случаи, што беше втора точка од договорот потпишан помеѓу претседателот на Алтернатива, Африм Гаши и поранешниот претседател на СДСМ, Зоран Заев, а прифатена и од актуелниот премиер Димитар Ковачевски. Како што јавноста знае, веднаш по точката за европската интеграција во тој договор е ставена и точката дека Владата ќе испрати официјално барање до Европската комисија со кое ќе побара тим од независни експерти кои ќе извршат меѓународна истрага на процеси за кои постои сомнеж дека било вршено политичко влијание, како што се „Монструм“, „Алфа“, „Диво насеље“, „Малиот Алмир“, рече Ибраими, додавајќи дека партијата нема не дозволи никој „да си поигрува со тоа прашање на штета на луѓето кои лежат по затвори, на нивните семејства, но и на сите граѓани“.