Министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, вели дека процесот на доделување средства преку годишната програма за култура бил максимално отворен и транспарентен. На новинарско прашање по однос барањето на опозицијата за оставка, Алаѓозовски ги повикува граѓаните и јавноста доколку имаат сознанија за незаконитости да ги пријават, а потоа надлежните органи ќе ги испитаат случаите.
-Презедовме храбар чекор. Не прикривам ништо, ниту одбегнувам одговорност. Максимално сме отворени за понатамошна соработка со јавноста и надлежните институции. За констатираните неправилности спремни сме да преземеме соодветни чекори на одговороност. Побаравме мислење од Антикорупциска комисија, а секако отворени сме и за Јавното обвинителство и други институции доколку го побараат тоа од нас – изјави денеска Алаѓозовски презентирајќи ја стратегијата за развој на културата 2019-2020.