Карлос Алкараз продолжува со одличните настапи на Австралија Опен. Се пласираше во четвртфиналето откако го совлада Џек Дрејпер, кој му го предаде мечот на својот ривал при резултат 7:5 и 6:1 за Шпанецот.
Момчето од Мурсија покажа дека е во одлична форма, но веќе во следната рунда би можел да ја има најтешката можна задача на овој турнир – Новак Ѓоковиќ.
Алкараз ќе игра со Србинот кој десетпати го освојуваше Австралија опен. Нивниот дуел ќе се случи само доколку Новак денеска со почеток во 09 часот по европско време го совлада Јиржи Лехечке од Чешка.
Шпанецот прв направи брејк во мечот со Дрејпер, но при негов сервис и тој доживеа брејк. Сепак, тоа не го поколеба Карлос, кој во 12. гем повторно му го одзеде сервисот на противникот и дојде до предност.
Вториот сет мина во целосна доминација на Алкараз, кој на Британецот му дозволи само еден гем. По завршувањето на тој сегмент од натпреварот, Дрејпер го предаде мечот и со тоа го заврши учеството во Мелбурн.
Доколку има дуел меѓу Ѓоковиќ и Алкараз, тоа ќе биде нивни осми меч, а Новак моментно води со 4:3 во мечеви.