Најголемата фармацевтска компанија во земјата, „Алкалоид“ денеска ги објави резултатите од работењето во првите шест месеци од годинава. Според соопштението од компанијата, во периодот јануари-јуни 2020 година, продажбата се зголемила за 15% споредено со истиот период лани. Вкупните консолидирани продажби, пак, се зголемени за 10% и достигнуваат околу 98 милиони евра.
„Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за 8%, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 10%. Од вкупните консолидирани продажби, 34% се остварени на домашен пазар, додека 66% се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 35%, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 21%, во Русија и во другите земји од ЗНД се остварени 8%, а на другите пазари се остварени 2% од вкупните консолидирани продажби.
-Најзабележителен раст е остварен во земјите од Југоисточна Европа, со продажби од над 2 милијарди денари и со раст од 14%, споредено со истиот период од минатата година. САД бележат раст од 16%, Русија и другите земји во ЗНД раст од 8%, земјите од Западна Европа раст од 5% итн., соопштија од „Алкалоид“.
Според групи на производи, „Алкалоид“ најмногу продавал производи од сегментот фармација, кој учествува со 86%. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 14% од вкупните консолидирани продажби.
Инвестиции
Вкупните инвестиции во основни средства на компанијата во периодот јануари-јуни 2020 година, изнесуваат 13,7 милиони евра, што е за 99% повеќе во однос на истиот период од 2019 година.
-Реализацијата на инвестициските активности, вредни над 12 милиони евра, наменети за проширување на производните капацитети, како и за подобрување на енергетската ефикасност и за намалување на штетните емисии во воздухот, кои започнаа во 2019 година, се одвива во согласност со планираното. Комплетирањето на овие инвестиции е предвидено во текот на 2020 година, велат од „Алкалоид“.
Вработени
Од компанијата велат дека во првото полугодие од годинава реализирале 111 нови вработувања во Северна Македонија. На крајот на јуни 2020 година, „Алкалоид“ имал 1 771 вработени во земјата, додека во странство уште 529 или вкупни 2 300 вработени во групацијата.
– Со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, во март 2020 година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата, во висина од 29.687 денари бруто, односно 26.718 денари нето, соопштија од „Алкалоид“.
Податоци за акциите
Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на „Македонска берза за хартии од вредност“ од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на берзата. Цената на акцијата во периодот јануари-јуни 2020 година се движеше од 8.354,00 денари до 13.400,00 денари или просечно 11.949,58 денари за една акција, што претставува раст од 40% во споредба со просечната цена во истиот период од 2019 година. Пазарната капитализација на компанијата на 30.6.2020 изнесуваше 17 милијарди денари.
-Бизнис-планот за 2020 година, донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, на Седницата одржана на 27.12.2019 година, предвидува инвестирање на околу 14% од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, раст од најмалку 7% на консолидираните продажби во однос на 2019 година, како и раст од најмалку 7% на консолидираниот профит пред оданочување во однос на 2019 година, велат од „Алкалоид“.
Од компанијата додаваат и дека во последното полугодие се соочиле со бројни предизвици поради пандемијата со ковид-19.
-Ние во „Алкалоид“ презедовме голем број мерки во досегашниот период, со цел неутрализирање на сите негативни ефекти, без притоа да се загрози здравјето на вработените и успешното работење на друштвото. Во текот на вториот квартал дојде до одредено балансирање на нивото на залихите кај нашите купувачи, како и до стабилизирање на порастот на приходи од продажби. Во претстојниот период, врвен приоритет и понатаму останува грижата за здравјето на вработените, како и одржувањето на тековната ликвидност и на финансиската стабилност. Како резултат на преземените мерки очекуваме резултатите од работењето на друштвото до крајот на годинава да се движат во рамките на веќе зацртаните плански цели за 2020 година, соопштуваат од „Алкалоид“.