Најголемата фармацевтска компанија во земјава, Алкалоид, ги објави финансиските резултати на Берзата за минатата година.
Компанијата лани има остварено добивка од близу 19 милиони евра, што е раст од 15 отсто во однос на лани, како и 210 нови вработувања.
Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари-декември 2020 година, продажбите достигнуваат 9.188.259.186 денари, што е за 9 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 12.132.328.349 денари, што е исто така за 9 проценти повеќе во споредба со истиот период од минатата година.
Од компанијата потенцираат дека консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за 9 отсто, исто колку и вкупниот консолидиран извоз на компанијата. Од вкупните консолидирани продажби, 35 проценти се остварени на домашен пазар, додека 65 отсто се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 33 отсто, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 20 проценти, во Русија и во другите земји од ЗНД се остварени 10 отсто, а на другите пазари се остварени 2 проценти од вкупните консолидирани продажби.
Најзабележителен раст е остварен во Чешка, раст од 44 отсто, Албанија бележи раст од 42 проценти, Грузија раст од 31 отсто, Унгарија раст од 29 отсто, Ерменија раст од 20 отсто, Бугарија раст од 18 отсто, Романија раст од 15 проценти, Србија раст од 14 отсто, Словенија раст од 12 отсто, Русија раст од 10 проценти итн. Во 2020 година реализирани се првите продажби на сегментот Фармација во Канада во вредност од 30,4 милиони денари.
Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 87 отсто. Од нив поголем удел имаат препаратите ОТЦ со удел од 22 отсто, антибиотиците со 16 проценти, кардиолошките препарати со 14 отсто, невролошките препарати заземаат 13 отсто од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 13 отсто во вкупните консолидирани продажби, поточно хемијата учествува со 2 проценти, козметиката со 8 отсто, а билкарството учествува со 3 отсто.
Бројките говорат дека консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 2.077.934.491 денари и бележи раст од 12 отсто.
Додека, пак, компанијата остварила консолидирана нето-добивка во износ од 1.167.484.742 денари или 18,9 милиони евра, што е зголемување за 15 отсто.
Вкупните инвестиции во основни средства, во периодот јануари-декември 2020 година, изнесуваат 1.571.226.812 денари, што е за 44 отсто повеќе во однос на истиот период од 2019 година.
„Реализацијата на инвестициските активности, вредни над 12 милиони евра, наменети за проширување на производните капацитети, како и за подобрување на енергетската ефикасност и за намалување на штетните емисии во воздухот, кои започнаа во 2019 година, се одвива во согласност со планираното“, велат од компанијата.
Со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, во март 2020 година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата, во висина од 29.687 денари бруто, односно 26.718 денари нето.
Во декември 2020 Управниот одбор по повод новогодишните и божиќни празници, а имајќи ги предвид отежнатите услови за работење на сите вработени за време на справување со Ковид пандемијата во 2020 година и во знак на благодарност, одобри исплата на новогодишен надоместок во нето износ од 25.000 денари.
Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на „Македонска берза за хартии од вредност“ од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на берзата. Цената на акцијата во периодот јануари-декември 2020 година се движеше од 8.354,00 денари до 13.499,00 денари или просечно 12.174,86 денари за една акција, што претставува раст од 28 отсто во споредба со просечната цена во истиот период од 2019 година. Пазарната капитализација на компанијата на 31.12.2020 изнесуваше 18.9 милијарди денари.
Бизнис-планот за 2021 година, донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, на Седницата одржана на 29.12.2020 година, предвидува инвестирање на околу 12 отсто од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, раст од 7% на консолидираните продажби во однос на 2020 година, како и раст од 7% на консолидираниот профит пред оданочување во однос на 2020 година.
Бизнис-планот за 2021 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи, достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2021 година, а со тоа и остварените резултати, може да варираат од прикажаните во Бизнис-планот.
Очекувања за претстојниот период
Во изминатиот период друштвото се соочи со голем број интерни и екстерни предизвици и новонастанати ризици, генерирани од пандемијата на COVID 19.
„Ние во „Алкалоид“ презедовме голем број мерки во досегашниот период, со цел неутрализирање на сите негативни ефекти, без притоа да се загрози здравјето на вработените и успешното работење на друштвото. Во втората половина од годината дојде до одредено балансирање на нивото на залихите кај нашите купувачи, како и до стабилизирање на порастот на приходи од продажби. Во претстојниот период, врвен приоритет и понатаму останува грижата за здравјето на вработените, како и одржувањето на тековната ликвидност и на финансиската стабилност“, велат од компанијата.