„Алкалоид“ и „Комерцијална банка“ донираат над 460.000 евра за формирање на ургентен тријажен центар на Клиника за токсикологија

by Fokus

Договор за нов ургентен интернистички центар на Токсикологија беше потпишан денеска во Министерството за здравство, од страна на министерот Фатмир Меџити и претставници на компанииите Алкалоид и Комерцијална банка.

Просторот од 750 квадратни метри од Клиниката за токсикологија ќе биде реновиран и трансформиран во Ургентен интернистички тријажен центар, со пари од Комерцијална банка и Алкалоид.

Донацијата од Комерцијална банка изнесува 235.000 евра, а од Алкалоид 233.673 евра, или вкупно 468.673 евра.

„Денеска, со поддршка од општественo одговорнитe компании Алкалоид и Комерцијална банка, потпишавме договор за формирање нов ургентен интернистички центар на Универзитетската клиника за токсикологија. Ова е инвестиција којашто ја најавив како еден од нашите приоритети и навистина сум многу горд што почнуваме со нејзина реализација“, рече министерот Меџити.

Целта на овој тријажен центар, како што појасни тој, е да претставува прв контакт со пациентите.

„Тука, пациентите од нивниот прием би престојувале 24 до 48 часа по што, доколку е потребно, би се упатиле во болничките оддели на некоја од интерните клиники или би биле пуштени дома. Следејќи ги современите стандарди за врвни и квалитетни здравствени услуги, ќе се изврши реконструкција на простор од околу 750 метри квадратни. Во склоп на просторот ќе има и посебна просторија за опсервација на пациенти – интензивна нега, како и полуинтензивна нега. Во просториите на интернистичкиот ургентен центар ќе бидат сместени и компјутерски томограф, рентген, ЕХО апарат, ендоскопија“, нагласи Меџити.

Поврзани новости