Во Клиничката болница во Тетово 155 медицински сестри, лекари и друг персонал ќе добијат договори за вработување на неопределено време, најави на денешната прес-конференција, министерот за здравство, Азир Алиу. Со ова, како што кажа ќе заврши агонијата на 155 лица од кои некои од нив со години работат во институцијата без решен статус. Тој ја обвини опозициската ДУИ дека со децении, иако биле на власт не го решиле проблемот на овие лица.
– Денеска ја држиме оваа прес-конференција затоа што имаме што да покажеме – резултати, решенија и одговори на сите отворени прашања А тие што направија – седат по ќошиња, задскриени зад тастатурите и шират лаги за да ги покријат сите зулуми и срамоти што ги оставија на граѓаните особено во здравство. Ги слушнавте измислиците дека 155 лица од Тетово нема да се вработат, срамота, дури и за нивниот стандард на лаги. Тоа е евтин театар за евтини политички поени врз плеќите на луѓето што со години живеат во несигурност, рече министерот за здравство.
Постапката додаде тој е завршена за 155 лица од Клиничката болница во Тетово, додавајќи дека ДУИ, иако со години биле на власт не го решиле проблемот.