Министерот за здравство Азир Алиу најави воведување систем за евиденција со отпечаток од прст (фингерпринт) за сите вработени во јавното здравство, откако анализите покажале фрапантни разлики во ангажманот на докторите.
Тој на ваков начин ќе водел контрола над лекарите, откако пред две недели излезе со информации дека во македонското здравство има сериозни случаи на хаос и злоупотреби.
Алиу не ја исклучува можноста за кривична одговорност за ваквата пракса. Најави дека ќе воведаат системи за евиденција на работното место со отпечаток од прст (фингер принт) за здравствените работници и рече дека веќе во две клиники го тестираат ваквиот систем.
Системот првин ќе биде воведен во клиниките во Скопје, а потоа и во другите клиники во земјата за да може да ги следиме законски. Имаме ситуации каде што доктори прегледуваат еден пациент неделно, а други и 100 пациенти неделно. И едното и другото не е во ред. Мора да ги следиме и да направиме систем, кој, прво, реално ќе го следиме ние како Министерство и, второ, ќе реагираме навреме, истакна тогаш министерот.
Според него, имало установи во кои се работела дополнителна дејност двојно подолго (41 процент) од законски утврдениот минимум, кој изнесува 20 проценти од часовите.
Иако, дел од лекарите беа шокирани од изјавата на Алиу дека нивни колега на месечно ниво земал плата од речиси 12.000 евра, сепак не се воодушевени од идејата дека некој сака со отпечатоци од прсти да стави ред и поредок во јавното здравство.
Тоа што се случува во здравството е прав башибозук. Секој си прави што си сака. Одредени лекари си одат и се враќаат на работа кога сакаат, оперираат кога сакаат и прегледуваат пациенти кога сакаат. Ова не е Див Запад. Меѓу нас нè има и подобри во својата работа, но и полоши. Има лекари, кои во цел месец прегледале едвај неколку пациенти. Тоа е жално и страшно.
Од друга страна, од сите страни ни се закануваат со казни. Нека се најдат тие лекари што заслужуваат да се казнат. Не може сите да страдаме поради нив, објаснува во изјава за „Фокус“, доктор што сакаше да остане анонимен.
Ова не е првпат министер да најави ваков систем со кој лекарите ќе се евидентираат преку отпечаток од прст.
Ваков обид постоеше пред речиси девет години, при крајот на „владеењето“ на тогашниот министер за здравство, Никола Тодоров, пред да падне владата под палката на Никола Груевски. Тодоров имаше долга листа на недоразбирања со лекарите, чија работа сакаше да ја следи постојано, па им воведе и камери, кои чинеа 2 милиони евра, а никогаш не проработеа.
Тодоров како „големиот брат“: за да ги контролира лекарите, ќе им зема отпечатоци од прстите!
Тој, исто така, во тој период имаше испратено писмо до директорите на клиниките дека ќе се воведува централен систем за проверка на личниот идентитет на вработените во јавното здравство со користење скенер со биометриски сензор (отпечаток од прсти) за евиденција на работното време. Тоа предизвика огромен револт кај лекарите, кои потпишаа писмо дека не се согласуваат со овој начин на евиденција на работното време.
Тодоров беше познат меѓу лекарите по прекарот „Големиот брат“, откако се потруди да воведе целосна контрола над нив и нивната работа. Во тој период, власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ проба да го воведе системот „плаќање по успешност“, на што лекарите жестоко реагираа и штрајкуваа повеќе од 50 дена.
Ирена МУЛАЧКА