Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу и министерот за здравство Фатми Меџити одржаа прес-конференција на која го обвинија Артан Груби дека ги одбил сите нивни предлози на денешната владина седница.
Рекоа дека нема да поднесат оставки од функциите, како и дека Алијанса за Албанците е единствена, нема крило, има легитимни органи и легитимен претседател – Арбен Таравари.
„Нема да поднесеме оставка, прво затоа што работевме транспарентно и второ, нашата партија не може да бара разрешување бидејќи нема основа врз која може да го бара тоа, бидејќи резултатите зборуваат сами за себе“, рече Алиу.
Тој рече дека од вчера еден дел од Алијанса за Албанците правеле притисок врз директори на институции се со цел да бидат на нивна страна.
„На седница на Влада имавме точка за разрешување на двајца директори. Едната е директорка на АД Македонски Пошти и вториот е директор на Инвест Македонија. Ние тоа го цениме директно како фрлање на масло на оганот од ДУИ, но за жал договорени со двајца од нашите заменик министри кои за жал гласаа за разрешување на овие двајца директори“ рече Алиу.
Меџити пак обвини дека точките кои ги предложил на владината седница му биле одбиени и според него се работи за политичка одмазда, а не за интерсот на граѓаните.
„Точки на Влада што ги предложив под број еден – покачување на платите на медицинските сестри и останатиот здравствен персонал, потпишување на колективен договор за вработените во Министерството за здравство, потпишување на колективен договор за Козле Клиниката што се пренамени во Универзитеткс аклиника и потпишување на одлука за паркингот на Клинички. За жал овие точки беа отфрлени од техничкиот премиер“ рече Меџити.