Евентуалното преквалификување на предметот на случајот со смртта на четиригодишниот Алмир Алиу од „убиство“ во „сообраќајна несреќа со смртна последица“, според адвокатот на семејството Алиу, Асмир Алиспагиќ е неприфатливо, објави Алсат-М.
Тоа, вели адвокатот, фрла сомнеж дека постојат двојни стандарди при класификувањето на предметите врз етничка основа. Според него, можното преквалификување од страна на Обвинителството би предизвикало огромни реакции и во пошироката јавност.
Алиспахиќ бара обвинението да остане исто и предметот да остане во рацете на судот без второстепена интервенција на Вишото или републичкото обвинителство.
Реакцијата на адвокатот на семејството Алиу уследи по информациите што вчера ги објави Алсат М за можно преквалификување на предметот од „убиство“ во „сообраќајна несреќа со смртна последица“. Таквиот можен чекор, според нашите извори, доаѓа по острите судири меѓу обвинителите како во Вишото, така и во републичкото обвинителство, каде што се дискутирало за овој случај.
Обвинителите во овие две институции од обвинителниот орган се поделени врз етничка основа, изразувајќи ги нивните остри реакции, едната страна – албанската, за случајот да остане како кривично дело „убиство“, а другата страна – на македонските обвинители кои бараат преквалификување во „сообраќајна несреќа со смртна последица“.
Трагичниот настан се случи по банална расправија пред Ургентниот центар во Куманово помеѓу семејството на жртвата и семејството на обвинетиот.