Коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива денеска на прес-конференција објави, како што велат, нов корупциски скандал во власта, сличен на случјот со поранешниот генерален секретар во Владата Драги Рашковски. Овој, според партиите на Села и Гаши, е во Управата за матични книги, каде на чело е Бујар Дардишта од ДУИ.
Алијанса и Алтернатива на денешната прес-конференција се повикаа на информации во медиумите, според кои во име на дигитализација на матичните книги, во оваа институција бил објавен тендер во вреднос од 480 000 евра, кој го добила компанијата „Нова инв“.
Од партиите на Села и Гаши тврдат дека таа е сопственост на син на бивш функционер од ДУИ и актуелен амбасадор во една европска земја, основана пред три месеци или само еден месец пред да се објави јавната набавка.
-Сомнежот се заснова и во однос на поставените критериуми, како што е промената на основните услови, наместо искуството на компанијата и нејзината финансиска стабилност, биле поставени критериуми за квалификации на персоналот и, очигледно, тоа е сторено со цел таа компанија да го добие тендерот и да ги дисквалификува другите апликанти или да оневозможи други апликации. Затоа, со вакво основано сомневање, ние сме денес тука – во име на коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива – да реагираме и да побараме од Комисијата за спречување на корупција да го преиспита овој случај, како и од Јавното обвинителство да постапи по истиот, велат од Алијанса и Алтернатива.
Но, освен вербални тврдења од оваа коалиција денеска не презентираа ништо друго.