Алијанса за Албанците изрази најостра осуда за синоќешниот напад врз членови на партијата, меѓу кои и директорот на Агенцијата за управување со одземен имот, Дритон Небиу. Нападот се случи по вчерашната прес-конференција на претседателот на Централното собрание на партијата, Зијадин Села.
„ Случајот е пријавен до органите на прогонот и ги повикуваме да го расветлат и случајот да добие соодветен правен заклучок“, се наведува во соопштението на АA.
Нападот го потврди Небиу во изјава за порталот „Нистори“, каде објасни дека по прес-конференцијата на Зијадин Села, заедно со сопартијците отишол на вечера во угостителски објект во Тетово, кога наеднаш до масата на која седеле се приближило непознато лице и го нападнало.
„Во еден момент едно лице кое не го познавав дојде до масата и ме нападна и со зборовите што ни ги кажа ми се закани по животот, ми рече ‘кој си ти да се занимаваш со ВМРО’? Потоа добив информација дека се вика Кренар Османи. Верувам во институциите дека ќе преземат мерки“, изјави Дритон Небиу за порталот „Нистори“.
Синоќа Небиу објави фотографија на својот фејсбук на која напиша: „Можеш да ме убиеш, но не и да ме исплашиш!“