Алијанса против Алијанса – кај кого се печатите и чие собрание е легитимно?

by Fokus

Во седиштето на политичката партија Алијанса за Албанците во Тетово денеска прес-конференција одржаа тројца членови на партијата кои во име на претседателот на АА, Арбен Таравари, образложија дека се направени повеќе повреди на статутот од страна на луѓето кои учествувале на Собранието на партијата на 10 февруари.

Адвокатот Абидин Абдули рече дека тоа Собрание е нелегитимно и се направени низа прекршоци кои содржат и елементи на кривични дела.

– На тоа Собрание се фалсификувани потписи на дел од членовите на Собранието-советниците и исто така и изменети со имиња на други членови кои воопшто не се советници. На Конгресот на 27.03.2022 и на одржаните собранија на 17.09.2022 и 21.1.2023 избрани се советници со вкупен број 137. Од тие јас имам изјави од 70 советници кои не присуствувале на Собранието и коишто дале изјави на нотар дека не биле на тоа Собрание на 10 февруари. Затоа тој собир го нема потребното мнозинство да се одржи, затоа што не биле присутни ни половина од легитимни советници и не може да се свика Конгрес зошто нема двотретинско мнозинство – истакна Абдули.

Поранешниот министер за информатичко општество, Азиу Алиу образложи како се направени повеќето прекршувања на статутот.

Според него, записникот и списокот на присутните членови на т.н. седница на Собранието не се доставени во архивата партијата во седиштето во Тетово.

– Од изјавите дадени во јавноста и други проверки констатираме низа статутарни прекршоци и тоа повреда во свикување на собранието каде е повреден член 71. ц, прекршен член е 49, иницијатива за разрешување на претседател треба да се базира на принципи од член 50 од статутот на нашата партија, но е прекршен од страна на претседател на Собранието, без да се констатира причина, иницијатива за прекин на мандат на претседателот не е донесена со двотретинско гласање од состав на партиско собрание и друго – образложи тој.

Според Алиу, печатите на партијата се кај претседателот Арбен Таравари.

Следуваше реакција од „крилото“ на Зијадин Села во Алијанса за Албанците. Оттаму преку соопштение велат дека „двајца поранешни владини функционери и еден поранешен член, ниту еден од нив партиски функционер, ниту член на Собрание, се обидоа да го оспорат законското право на дејствување на претседателот на Собранието, на пратениците и на сите членови и функционери избрани од легитимните партиски тела“.

„Се што кажаа е невистинито и обид за манипулација. Прво, Собранието го свикува претседателот на Собранието, додека за консултација со претседателот на партијата чекавме два месеци да се свика Претседателството, чекавме со недели на состанок, но и претходно се консултиравме. Нелегитимна и нелегална е средбата свикана во Куманово каде немаше ниту покана, ниту записник, ниту печат, ниту потпис, ниту законска процедура. Што се однесува до Конгресот, тој го свикува претседателот на партијата или 2/3 од членовите на Собранието. Конгресот го свикаа 2/3 од присутните пратеници во единственото легално Собрание свикано од претседателот на Собранието, Зиадин Села“ стои во соопштението.

Оттаму порачуваат дека „целата јавност е сведок за фалсификување потписи и членови на Собранието од нивна страна, преку сведочењата на самите членови кои исто така јавно излегоа и покажаа дека нивните потписи биле злоупотребени во Куманово од неовластени лица“.

„Сакаме да ја информираме јавноста, членовите на Алијансата за Албанците и делегатите на Конгресот, дека денешната средба е нелегитимна и незаконска. Единствениот легален конгрес се одржува во недела, на 18 февруари, со почеток во 13:00 часот во Салата на опера и балет во Скопје. Секој друг повик е кршење на Статутот и незаконски собир“ се вели во соопштението од АА.

Поврзани новости