Втор и последен ден продолжува испитувањето на претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети од страна на Специјалното обвинителство за воени злосторства на Косово, кое инаку се одвива во просториите на меѓународната правна мисија на Европската унија, ЕУЛЕКС во Приштина.
Од ДУИ засега не коментираат ништо за повикот нивниот лидер да сведочи во Специјалниот суд, освен само што потврдуваат дека тој таму е повикан како сведок. Не е познато дали по неговото завршување Ахмети ќе даде некакви информации во јавноста. Со Ахмети се наоѓа и организацискиот секретар на ДУИ, Артан Груби.
Распитот на Ахмети започна вчера во 9.30 и траеше до 18 часот, кога тој го напушти седиштето на ЕУЛЕКС, при што не даде изјава за медиумите. Тој е повикан како еден од членовите на Ослободителната војска на Косово (ОВК) уште од нејзиното основање и активен учесник во косовската војна во 1998-99 година.
Специјализираните комори за Косово, кој во косовската јавност е познат како „Суд за ОВК”, го водат меѓународни обвинители и судии. Досега покани како осомничени и сведоци имаат добиено над 300 поранешни водачи или други припадници на ОВК. Истрагите генерално го опфаќаат периодот од јануари 1998 до декември 2000 година за воени злосторства и насилство.