Ален Лероа за „Фокус“: Се надевам дека луѓето од Македонија нема да ги бојкотираат претседателските избори

by fokus

Францускиот дипломат и политичар, Ален Лероа изминатите денови беше во престој на Македонија, за одбележувањето на 15 години од трагичната смрт на претседателот Борис Трајковски.

Тој во кризниот период од 2001 година беше специјален претставник на ЕУ, а во разговор за „Фокус“, имаше само пофални зборови за работата на претседателот Борис Трајковски.

„Борис Трајковски беше пристоен и чесен човек. Тој не беше популист или демагог, тој беше човек за мир, сакаше да слушне што мислат луѓето и беше полн со самодоверба. Ние кои соработувавме со него, му верувавме, затоа што беше искрен, одговорен и човек со интегритет. Тоа беше многу важно за тој период. Ако тој не беше популарен тие години, дури сега се гледа неговиот придонес за оваа држава. Бев сведок како Трајковски беше верен на својата држава и беше многу загрижен за сите луѓе во Македонија и за сите заедници“, вели Лероа.

Изминаа 18 години од конфликтот во 2001 година, а според Лероа, позитивно е што Македонија го надминала тој проблем.

„Сега сме веќе во друго време. Откако дојдов, Договорот беше потпишан, а јас дојдов за импелементација на тој Договор. Благодарение на претседателот Трајковски и останатите државници, Македонија беше во состојба да го надмине проблемот, затоа што можеше да биде многу полошо. Погледнете што се случи во соседните земји“, вели Лероа.

Според него, потпишувањето на Рамковниот договор било добра работа што и се случила на Македонија.

„Тоа веќе беше пролетна офанзива и сите бевме исплашени и беше многу подруго време, гледано од денешна перспектива. Но погледнете денес, ситуацијата е многу подобра, иако државата има некои економски проблеми. Луѓето во тоа време сакаа конфронтација, но Борис Трајковски беше човек за мирот.  Мислам дека потпишувањето на Рамковниот договор беше добра работа што и се случи на Македонија“, додава Французинот.

Решавањето на спорот за името со Грција е охрабрувачки чекор за Република Македонија, смета Лероа.

„Сите знаеме дека спорот за името со Грција беше клучна препрека за интеграција на Македонија во НАТО. Беше многу храбро да се најде решение, а сите знаеме дека сите земји од ЕУ го поздравија Договорот од Преспа. Сега тоа е веќе решено и во двата Парламенти – во Скопје и Атина.“

Според францускиот дипломат, безбедноста во Македонија ќе биде зајакнето со самото влегување во НАТО.

„Очигледно е дека Македонија ќе добие поголема безбедност откако ќе стане членка на НАТО. Вие и самите гледате, дека соседите разговараат за промена на границите. Ако Македонија се најде во проблеми, веднаш е тука НАТО да интервенира“, додава Лероа.

Во Франција во изминатите неколку месеци се случуваат големи протести на „жолтите елеци“, поради поскапување на горивото во државата.

„Франција има многу луѓе со револуционерен дух и затоа и се случија „жолтите елеци“. Отсекогаш во нашата држава се случувале такви работи и тоа е демократско демонстрирање. Владата на Франција има преземено многу мерки за да ги задоволи нивните барања. Во нашата држава се водат големи дебати како да се слушнат нивните барања, да се направат потребните реформи“, додава Лероа.

Тој е запознат со проблемите во Македонија, но не верува дека на нашата држава некогаш ќе и се случат „жолтите елеци“.

„Не мислам дека на Македонија некогаш ќе и се случат „жолтите елеци“. Знам дека и во Македонија има проблеми, има голема сиромаштија, но сепак не е исто. Во Франција имаме традиција на револуции, а и такви се луѓето. Што се однесува до Македонија, мирот е тука, стабилноста исто така. Се надевам дека Македонија ќе има успешни претседателски избори и верувам дека луѓето нема да одат повторно на бојкот. Со изборот на нов претседател и влезот во НАТО, ќе дојдат нови инвестиции во Македонија“, го заврши разговорот Лероа.

Јорданчо Цветаноски

Фотографија: Томислав Георгиев

 

Поврзани новости