“Очаен обид за моја дискредитација”. Ова е коментарот на Синиша Алексовски, поранешниот советник за безбедност на претседателот, Ѓорге Иванов, кој денеска беше повикан на разговор во полициска станица.
-Од што се неспособни и не ја познаваат полициската работа не можат ни конструкција да направат. За конкретното повикување во полициска станица да дадам појаснување, нема заведен настан, а најмалку пријава против мене, нема ни констатирани елементи за прекршок, ниту пак ми е изречено усмено или писмено предупредување.
Ме повикуваат во полициска станица зошто заедно со неколку другари, од кои еден е полициски инспектор, пред 42 дена сум бил застанат на пешачки остров кај Порта Македонија и сум разговарал на телефон во време кога поминувал висок функционер. Тешко на граѓаните на Македонија со вакви полициски старешини кои врз основа на фикција повикуваат граѓани во полициски станици.
Воедно за непрофесионализмот на полициските службеници кои без да преземаат полициско овластување против мене и лицата кои беа со мене си дозволиле само мене да ме вградат во полициска белешка како и очајниот обид за моја дискредитација е известена Внатрешната контрола во МВР, изјави Алексовски за “Фокус”.
Според информациите на Фокус од МВР, настанот се случил на 27 март, односно пред повеќе од месец и половина, а високиот функционер е претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Од Министерството за внатрешни работи за “Фокус” официјално потврдија дека Алексовски бил повикан на разговор во полициска станица за неовластено снимање на возило на државен функционер, но Обвинителството констатирало дека нема елементи за постапување.
-Денеска С.А. беше повикан на информативен разговор во ПС Центар во врска со неовластено снимање на возилото на висок државен функционер кај Порта Македонија. Известен е јавен обвинител при што е констатирано дека нема елементи за понатамошно постапување, велат за “Фокус” од МВР.
Екипа на порталот „А1 он“ попладнево го забележала Алексовски во полициската станица Центар.
Техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев кој дојде на министерското место од Агенцијата за разузнавање се обиде да го префрли Алексовски во МВР и да го назначи за свој советник, но не успеа. Неодамна, претседателот Стево Пендаровски под чија надлежност е Агенцијата за разузнавање соопшти дека Алексовски е отпуштен од Агенцијата бидејќи не добил безбедносен сертификат.