Алексов: Наједноставен начин за одложување на изборите е да се воведе вонредна состојба

by fokus

Наједноставен начин за одложување на изборите е да се воведе вонредна состојба, анализира за Фокус, извршниот директор на гаѓанската асоцијација „Мост“, Дарко Алексов откако лидерите на политичките партии денеска на лидерска средба кај претседателот, Стево Пендаровски донесоа одлука да се одложат изборите поради ширењето на заразата на корона вирусот. Но, на средбата не најдоа правен модел како ќе се одложи изборниот процес, ниту одредија нов датум откако одлучија дека на 12 април нема да има избори.

Лидерите на двете најголеми политички партии, Зоран Заев од СДСМ и Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ излегоа со два различни става, Заев смета дека треба да се прогласи вонредна состојба, а Мицкоски кризна состојба.

Алексов пак вели дека вонредната состојба е наједноставно решение бидејќи е регулирана со Уставот и може да се обезбеди примена на контролните механизми на власта на различни нивоа, додека со воведувањето на кризната состојба, иако е регулирана со Закон, дел од одредбите не се применливи во моментална фактичка состојба, а најголем проблем е тоа што Собранието е распуштено.

-Вонредната состојба е регулирана со Уставот, и доколку институциите се водат од своите уставни и законски надлежности, тие може да обезбедат примена на контролните механизми на власта на различни нивоа, без разлика на постоењето на вонредна состојба. Од друга страна, и покрај тоа што воведувањето и менаџирањето на кризна состојба е регулирано со Законот за управување со кризи, дел од неговите одредби не се применливи во моменталната фактичка состојба, а фактичката состојба е дека имаме пандемија на светско ниво, има потреба од брза и ефикасна реакција на различни институции во различни сегменти од животот, а имаме распуштено Собрание. На лидерската средба одржана денес кај претседателот политичките партии презентираа генерален консензус дека Собранието не може да се врати во заседание. Дополнително, непотребно е да се враќа Собранието во заседание само за да ги одложи изборите, кога прашање е на време кога кризата ќе ескалира, имајќи ги предвид искуствата од другите држави, и очигледно е дека ќе треба да се воведе вонредна состојба, вели Алексов.

Според Законот за управување со кризи, кризната состојба трае 30 дена, а за нејзиното продолжување одлучува Собранието, кое во овој момент е распуштено.

-Ако интензитетот на ширење на заканата продолжи, односно кризната состојба трае подолго од 30 дена, опцијата која и стои на Владата е да предложи воведување на вонредна состојба до Собранието, кое повторно е распуштено. Имајќи го сето ова предвид, нејасно е како без функционално Собрание системот би се справил со оваа глобална закана, а притоа целосно да се почитуваат одредбите од Законот за управување со кризи. Во таа насока, мора да се земе предвид дека законот во ваква ситуација претставува и ограничувачки фактор за ефикасно справување со кризата. Оттаму, наједноставен начин за ефикасно справување со оваа ситуација е да се воведе вонредна состојба, а тоа во овој момент може да го направи претседателот на државата, додава Алексов.

По лидерската, Заев порача дека вонредната состојба има алатки на транспарентен начин, загарантиран со Устав, Владата до крај да ги искористи сите инсттрументи за поуспешно справување со безбедносно-здравствената сотојба на населението и државата, а и да испорача сериозни мерки за стопанството.

Мицкоски пак смета дека не е потребно во моментов да се прогласува вонредна состојба, особено, затоа што, како што рече, иако е предвидена во Устав нема закон кои институции како би функционирале.
Затоа, смета тој, треба да се размислува за 30 дневна кризна состојба на целата ситуација, а дури потоа експертските да дадат мислење и да се прогласи вовредна ситуација, која во услови на распуштено Собрание би ја донел претседателот Пендаровски. За кризна состојба, вели има Закон за управување со кризи согласно кој можат да се одвиваат сите активности.

Професорите Рената Дескоска, Гордана Силјановска-Давкова, Денис Прешова, Татјана Каракамишева-Јовановска, Јетон Шасивари, Светомир Шкариќ и Александар Спасов, попладнево се кај претседателот Стево Пендаровски за да се изнајде правен модалитет за одложување на изборите.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости