Изборите поминаа во фер и демократска атмосфера. Граѓаните повторно учествуваа во изборен процес во кој слободно можеа да ја изразат својата волја. Изборната администрацијата ефикасно го спроведе гласањето под посебни здравствени протоколи поради пандемијата со КОВИД-19 со што граѓаните можеа безбедно да го остварат своето право на глас. Ова е прелиминарната оценка на граѓанската асоцијација МОСТ за предвремените парламентарни избори.
Претседателот на МОСТ Дарко Алексов на денешната прес-конференција соопшти дека во текот на изборниот ден биле забележани само неколку изолирани случаи на неправилности кои, како што рече, не влијае на квалитетот на изборниот процес.
-Изборната кампања генерално помина во релаксирана атмосфера и овојпат не беа забележани инциденти кои влијаеја на атмосферата во која се спроведе, што го продолжува трендот на подобрување во последните неколку изборни циклуси. Исклучок претставуваат случаите на црна и негативна кампања, како и користењето на националистичка реторика, рече Алексов.
По завршувањето на изборниот ден, ДИК се соочи со хакерски напад на веб-страницата за резултатите од изборите, со што јавноста немаше целосен увид во првичните резултати, а веб-страницата се уште не е функционална.
Според Алексов, тајмингот во кој се изведе овој напад дава индиции за сомневање дека се работеше за однапред испланиран обид за нарушување на довербата во изборниот процес.
МОСТ ги охрабрува надлежните институции да продолжат поефикасно да ги отстрануваат долгогодишните системски проблеми во водењето и ажурирањето на Избирачкиот список, посебно во однос на стандардизирање на податоците за адресите и координацијата помеѓу надлежните институции.
– Изборниот законик беше изменет на денот пред распишувањето на изборите, 15 февруари 2020, што е во спротивност со меѓународните стандарди и практики. Имајќи предвид дека измените беа суштински, а веќе стана вообичаено Изборниот законик да се менува непосредно пред изборите, оваа практика треба да престане. МОСТ апелира по завршувањето на изборите да продолжи сеопфатниот и инклузивен процес на изборни реформи којшто беше спроведен во 2019 година од Министерството за правда, и во кој ќе бидат имплементирани и останатите препораки на домашните и меѓународните набљудувачи, рече Алексов