Со свечена церемонија, денеска во грчкиот град Александруполи започна изградбата на терминалот за течен природен гас (ЛНГ). На настанот присуствуваа претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, премиерите на Грција Киријакос Мицотакис, на Северна Македонија Димитар Ковачевски и на Бугарија Кирил Петков, како и српскиот претседател Александар Вучиќ.
Руско-украинската криза покажа дека Северна Македонија пополека треба да се ослободи од зависноста од само еден добавувач на природен гас и токму затоа земјава официјално влегува во големата енергетска постројка во Александрополис преку која ќе се обезбедува природен гас кој доаѓа од Азербејџан, односно течен гас од САД и други земји.
Терминалот ќе претставува нова енергетска порта, која што ќе им помогне на Балканот и на Европа да бидат помалку зависни од рускиот гас, но сепак според предвидувањата завршува ерата на евтин природен гас бидејќи преку оваа траса се очекува цената да биде 10 пати повисока.
Што значи Александропулос за нас?
Исто така цената цената на сите енергенси расте, па покрај инвестициите во обновливи извори на енергија потребно е да се поработи и на гасификациската мрежа, порачуваат од Стопанската комора на Северна Македонија.
Официјалниот потпис на меморандумите го отвора патот за македонско учество во овој мега енергетски проект кој до 2023 година треба да обезбеди складирање и гасификација на течниот природен гас со капацитет од над 5,5 милијарди кубни метри.
Македонскиот удел во двата проекта значи инвестиција од 25% проценти во гасната централа на природен гас од 800 мегавати, проценета инвестиција од над 380 милиони евра, односно 10% во гасниот терминал, учество со вредност од околу 370 милиони евра. Финансиски проект, кој освен од домашни извори, ќе биде поддржан и од страна на Европската унија.
За македонските власти, учеството во проектот е од историско значење.
Гас ќе добиеме, а гасоводна мрежа?
Очекувањата се дека покрај зацврстување на соработката на полето на енергетиката со компании од Грција, ќе се обезбеди трајно и стабилно снабдување на природен гас за земјата, но и дополнителна можност за негова дистрибуција и во регионот.
Една од клучните претпоставки за постигнување забрзан и одржлив раст на една национална економија е постоењето континуиран и ефикасен дијалог меѓу дизајнерите на економските политики и бизнис-секторот, со цел креирање и реализирање мерки кои создаваат можности и амбиент што ќе поттикнат зголемена економска активност на приватниот сектор.
-За поздравување е одлуката за приклучување кон изградба на гасовод во Александропулос, но помеѓу петте мерки со врвен приоритет акцент Комората става на Гасификацијата, укажувањата на Комората се дека целосната реализација на овој проект е од исклучително значење за стопанството како краен потрошувач, кој, на овој начин, ќе добие поевтин енергенс, пониски трошоци, а ќе се обезбеди и заштита на животната средина, но и поголема конкурентност на странските пазари. Гасификацијата треба да биде врвен приоритет, а Владата да преземе аклтивности за пуштање во употреба на веќе изградените гасоводни мрежи. Ова е значајно особено во услови на поскапување на сите енергенси на светските берзи, велат од Стопанската комора на Северна Македонија за „Фокус“.
Владата, преку АД Електрани на Северна Македонија во февруари отпочна процес за резервација на капацитети за природен течен гас во ЛНГ Терминалот Александропулос, Република Грција што ќе овозможи зголемување на сигурноста во снабдување со природен гас за граѓаните.
-Реализацијата на оваа инвестиција потенцијално ќе значи отворање втора рута, односно снабдување на Република Северна Македонија со течен гас од други земји, покрај моменталниот снабдувач. Ова ќе значи потенцијално зголемување на капацитетот за дотур на гас во земјава, би влијаело врз либерализацијата на пазарот, а со тоа и врз конкурентноста на цените.Покрај сигурното и долгорочно снабдување со природен течен гас за граѓаните на Северна Македонија, се очекува и да се зголемат и инвестициите во гасификацијата. Имајќи ја предвид денешната енергетска криза во Европа и кај нас, ова е конкретен чекор која треба да даде резултати во стабилизација на снабдувањето со енергија во Република Северна Македонија, рекоа во февруари од Владата.
Каде е заглавена Гасификацијата?
Уште во текот на март 1987 година, Собранието на Социјалистичка Република Македонија – СРМ, дава согласност на Одлуката за утврдување на Програмата за реализација на гасоводниот систем на СРМ од 1986 година до 2000 год., донесена од страна на Собранието. Во првата фаза, која требало да се реализира до 1990-та година, било предвидено доведување на природниот гас до потрошувачите во Скопје, Куманово, Кратово и Крива Паланка.
Во втората фаза било предвидено проширување на ГСМ кон потрошувачите во Тетово, Гостивар, Свети Николе, Штип, Пробиштип, Велес, Кочани и Струмица.
Оваа фаза било планирано да се реализира во периодот од 1990 до 2000 година. Во оваа фаза било предвидена и изградба на магистрални гасоводи кон Србија и Косово, секако приклучени на нашиот магистрален гасовод.
Како носител на севкупните активности за реализација на оваа Програма, од страна на тогашното СИЗ за енергетика на СРМ бил определен РО „Макпетрол“ – Скопје.
Но според јавните информации од првата фаза, имаме еден магистрален гасовод, засега единствен, од Жидилово до Скопје. Во Скопје, нема реална гасификација и изградена дистрибутивна мрежа до краен корисник, Куманово има делумна гасификација, а Кратово и Крива Паланка не се гасифицирани.
Резимето за втората фаза е, имаме магистрален гасовод во изградба до Тетово и Гостивар, со реализација од 75%, Струмица е гасифицирана со „виртуелен гасовод“, додека Свети Николе, Штип, Пробиштип, Велес, Кочани не се гасифицирани.
Денес не може да се зборува за изградба на магистрални гасоводи кон Србија и Косово како дел од таа втора фаза од пред 30 години. Темата беше најактуелна во периодот на локалните избори во 2017 година, тогаш беше презентирана и целосна програма од страна на СДСМ за реализација на проектите за гасоводна мрежа, но како исчекор во гасификацијата може да се каже дека во моментов три делници на преносната мрежа се во градба. Делницата од Клечовце до Неготино во должина од 96 км е 100% завршена, делницата од Неготино до Битола од 92 км е реализирана 94%, а од Скопје до Тетово и Гостивар се реализирани 75%.
Анализите од страна на експертите изложени во Стратегија за развој на енергетиката до 2040 година, покажуваат дека за енергетска транзиција на Северна Македонија, неопходни се скоро 800 до 900 милиони евра годишно.
Според стратегијата во енергетиката, нема место за импровизации, енергетските проекти се планираат однапред за да служат со години и на идните генерации.
Соња Танеска