Популарната музичка атракција во регионот, Александра Пријовиќ (28), го најави својот концерт во Охрид. Настанот ќе се одржи на први август на стадионот Билјанини извори, со почеток од 20 часот.
Најавен е како мега спектакл, на кој се очекуваат посетители од цела земја, посебно поради Илинденските празници.
Пејачката ја започна музичката кариера пред 12 години, како учесничка на музичкото шоу ,,Ѕвездите на Гранд”, а првиот албум го сними во 2017 година. Потоа, во 2018 година стапи во брак со Филип Живојиновиќ, син од првиот брак на Боба, сопругот на Лепа Брена.
Изминатата година за неа беше една од најзначајните кога е кариерата во прашање, бидејќи успеа да распродаде три белградски арени, пет загребски арени, одржа три концерти во Сараево, пет во Осијек, три во Ниш, два во Тузла…
– Пријовиќ ја продолжува турнејата ,,Од исток до запад” со концертот во Охрид, каде ќе се доживее искрена емоција, продукција од светска класа и сценографија која само Александра може да ја подготви, порачаа од организацијата на настанот.
Влезниците за концертот се пуштени во продажба по цени од 1.000 денари, па нагоре, а се нудат и ВИП пакети со пијалок од 6.000 до 7.500 денари.
Вики Клинчарова