Директорот на Безбедносно информативната агенција (БИА), Александар Вулин, кој од јули е под санкции на САД, поднесе оставка од таа функција, соопшти БИА.
Вулин, близок соработник на српскиот претседател Александар Вучиќ, тврди дека САД и ЕУ „ја бараат неговата глава како предуслов за да не се воведат санкции кон Србија“.
„Нема да дозволам да бидам причина за уцени и притисок врз Србија и српскиот свет, затоа поднесувам неотповиклива оставка од функцијата директор на БИА“, се вели во соопштението на Вулин.
Американската администрација го обвинува поранешниот министер за полиција, одбрана и труд за „вмешаност во организиран криминал, трговија со дрога“.
„САД внимателно го проучуваа Вулин и неговите активности и заклучија дека тој не е некој што го сакаме во Америка“, изјави американскиот амбасадор Кристофер Хил на почетокот на јули годинава.
„Значи, санкциите се начин да се заштитат САД“, рече Хил, додавајќи дека Вулин повеќе нема да може да добива американска виза.
Вучиќ тогаш рече дека Вулин е под санкции „не поради криминал и корупција, туку поради Русија“, на која Србија сепак не воведе санкции поради војната во Украина, како земја на Западот.
„Да најавев само воведување санкции против Руската Федерација, немаше да има ништо од санкциите против Вулин – така ми беше кажано“, изјави претходно Вучиќ за Телевизија Пинк.
Вулин посочува дека ова е „мала победа за САД и ЕУ“, но и негова голема победа бидејќи, како што истакнува, докажал дека Србија и српскиот народ вредат секоја жртва.
„Мојата жртва е мала во споредба со големината на светите места што ги бранам“, додаде тој, заблагодарувајќи му се на претседателот Вучиќ за можноста да ги „одбрани Србите и Србија“.
Тој го нарече Вучиќ и „последниот слободен лидер во Европа, гордост на сите Срби“.