Во интервјуто под наслов „Александар Велики никогаш не бил дел од нашата регуларна историја“, за грчкиот весник „Документо“, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов говори за проблемот што Грција го има со нашето уставно име, за направените промени во Уставот, за Александар Велики, но и за соработката меѓу двата главни градови.
На прашањето за евентуалните уставни промени што Грција ги бара од нас, скопскиот градоначалник објаснува дека постои член во Уставот според кој Македонија нема територијални претензии од соседните земји.
-За конкретното прашање го променивме нашиот устав во 1992. Во нашиот Устав не постои член што поддржува такво нешто за ниту една земја. Секако, постои член во нашиот устав што вели дека немаме територијални претензии од соседните земји. Затоа ова не треба да биде закана за никој во Грција – вели Шилегов, пренесува МИА.
Запрашан за тоа дали се согласува со изјавата на поранешниот претседател Киро Глигоров дека сме Словени што дошле по Александар Велики, Шилегов вели дека преферира Александар Велики да го гледа како лидер што го цивилизирал целиот свет.
-Александра Велики никогаш не бил дел од нашата регуларна историја. Беше вклучен во нашата историја во последните десет години. Во основа, кога говориш за таков вид на етничка припадност, држави и народи, тоа се однесува на последните 300 години, додека пак Александар Велики, живеел пред 2300 години. Јас преферирам да го гледам како лидер што го цивилизираше целиот свет – објаснува градоначалникот на Скопје во интервјуто за „Документо“.
Шилегов одбива да ги коментира македонските позиции во разговорите за името, бидејќи вели дека било каква политичка изјава може да му наштети на процесот.
Обраќањето на грчки јазик на почетокот од прес-конференцијата во Атина, по средбата со Каминис, предизвика аплаузи кај присутните, а сега новинарката во интервјуто го прашува дали има некаква поврзаност со Грција. Вели дека неговиот дедо бил роден во село во близина на Воден, а од Грција заминал кон средината на 20-от век, но тоа не е причината што тој знае малку грчки, туку вели дека научил затоа што поминал многу време во различни делови на Грција, во близина на нашата земја.