Александар Ружин (39), бизнисмен и своевремено советник на поранешниот премиер Зоран Заев, е прогласен за Амбасадор на мирот. Оваа значајна титула ја добил од страна на Универзалната Федерација за мир, која има сопствени претставништва речиси низ цел свет, а чија основна цел е надминување на конфликтите, соработка и мир меѓу сите народи. Федерацијата ги унапредувала своите членови за Амбасадори на мирот, а треба да бидат предложени од најмалку тројца други Амбасадори, односно од раководството на Федерацијата.
-Со оглед дека во Балканската Федерација за мир членувам веќе седум години, ми претставуваше голема чест и задоволство како претставник на Република Северна Македонија да бидам прогласен за Амбасадор на мирот, во седиштето на балканската федерација во Тирана. Воедно, денес беше одржана конференција под раководство на поранешниот претседател на Албанија, Алфред Мојсију, на тема Мир и Безбедност на Западен Балкан во пресрет на интеграцијата на државите од Западен Балкан во Европската Унија – за ,,Фокус” појаснува Ружин.
Тој е син на поранешниот дипломат и универзитетски професор Нано Ружин, член на ЛДП и со години наназад е застапен во јавноста. Магистер е по политички науки, а беше дипломатски советник на поранешниот премиер Зоран Заев за за економска, социјална и културна соработка со државите на Бенелукс (Белгија, Холандија и Луксембург) и Франција. Додава дека периодов освен што е на чело на својата приватна компанија за продажба на автомобилски гуми и бандажи, станал и претставник на голема странска компанија која инвестира во доменот на енергетика низ цела Европа, како и во земјава.
-Семејните вредности и кариерата секогаш ми се во прв план. Сопругата Александра работи во клиниката Жан Митрев, ќеркичката Наоми расте. Животот си тече како што треба. Титулата Амбасадор на мирот ми е само уште една потврда дека се исплати да работиш чесно, да се трудиш да донесеш промени на подобро и зад себе да оставиш позитивен белег- ни изјави Ружин.
Вики Клинчарова