Александар Ружин, поранешен советник на екс премиерот Зоран Заев и син на поранешниот амбасадор Нано Ружин, смета дека полицијата не е виновна за трагедии кои се случуваат на патиштата во земјава, туку вината треба да се бара во родителите чии деца возат спротивно на сообраќајните прописи, како и во колективната свест.
Неговата реакција доаѓа по вчерашната трагедија во која животот го изгуби 24-годишната Викторија Н. од Радовиш, која беше покосена на пешачки премин во Скопје од страна на 22-годишник со џип. И момчето кое било со неа во моментот на настанот заврши со телесни повреди во болници, а јавноста бурно реагира и бара засилени полициски контроли, зголемена безбедност во сообраќајот, како и ригорозни казни.
Својот став по повод настанот младиот бизнисмен го сподели на социјалните мрежи, уверувајќи дека се одземаат возачки дозволи и на деца на функционери.
-Никогаш нема да ги разберам и оправдам оние граѓани за кои полицијата е крива за овие трагедии кои ги предизвикуваат пијани и дрогирани дечишта ширум Македонија. Јас ви гарантирам дека полицијата совршено функционира и тоа на цела територија. Никогаш до сега не биле изречени толку глоби за брзина, претекнување на полна лента, алкохол, истечени регистрации, технички прегледи итн..
Врска не помага како некогаш. Пишана казна ја плаќа секој, пошто влегува во систем на МВР. Дозвола се одзема и на деца на функционери верувајте. За жал, се штанцаат нови генерации блесави деца во толкав број што е невозможно сите да ги начекаат и казнат.
Некои се опаметија, ама прекасно е, откако ќе загине некој како девојчето вчера. Барајте ја вината во колективната свест и во нивните родители кои направиле од децата паразити и штеточини-истакна Ружин.
Вики Клинчарова