Александар Прокопиев: Трибунското место мора да се освои

by Fokus

Во присуство на многубројни гости од културната и од писателската сфера, читатели и претставници на медиумите, вчеравечер (24 јануари), во книжарницата „Литература.мк суперстор“ во „Скопје сити мол“ се одржа промоцијата на новата критичко-есеистичка книга на Александар Прокопиев – „Трибун, Хронистерик, Номад“. Оливера Ќорвезироска, модераторката на настанот и уредничка на книгата, го отвори претставувањето со анегдота како најлесно да го научиме и да го запомниме насловот на книгата.

Уредничката на книгата Оливера Ќорвезироска истакна дека најновата книга на Прокопиев е на самиот раб помеѓу критичкиот и прозниот дискурс. Содржи единаесет текста подредени во три музички именувани циклуси: Praeludium, Scherzo и Lento. Книгата е бележита во домашен, но и во поширок книжевен контекст, таа се чита и се „слуша“ во брзи, бавни, интимни и шегобијни слапови. Почнува, извира со амбициозна авторска класификација, лична номенклатура на книжевните дејци и заложби на трибуни (Гете, Толстој, Иго, Андриќ, Крлежа, Сартр, Конески…), хронистерици (Достоевски, Ниче, Вајлд, Паунд…) и номади (Чехов, Џојс, Виткаци, Шопов…), што се провлекува до крајот на книгата на повеќе нивоа, тече преку крајно интимни свиоци, дури и епистоларии; и истекува, т.е. се влева, во „книгите што ги нема“, во книгите што сме ги подзаборавиле, а се од суштинско значење за домашниот книжевен контекст: првите збирки раскази на Драги Михајловски, Јадранка Владова и Димитрие Дурацовски од доцните осумдесетти години на минатиот век.

– Најлесно ми е да зборувам за трибунот, бидејќи сум далеку од него, јас сум номад. Трибунот е секогаш на воспоставено место, на една пирамида на вредности и трибунот е секогаш на врвот. Да се дојде до трибунското место, тоа е една суптилна борба, да се биде на тоа место во општествената национална и книжевна фела. Тоа е една силна насоченост да се биде трибун и писателот мора да го заслужи трибунското место, односно општествено да биде прифатен како глас што се слуша и да инсистира на својата независност и невлијание на политиката и мора да има нешто што е пошироко, односно општествена свест – истакна Александар Прокопиев.

„Трибун, Хронистерик, Номад“ е вистинска книжевна музика за овдешното, ондешното и тамошното; за најдалечното и најблиското, за суштинското и заедничкото во личната пишувачка авантура.

Александар Прокопиев (1953, Скопје) досега објавил дваесетина прозни книги – раскази, новели, есеи и еден роман – некои од нив се преведени на светските и балканските јазици. Во 2000 година, Енциклопедија Британика ја истакна неговата книга хибридна проза „Антиупатства за лична употреба“ меѓу најинтересните годишни изданија од Југоисточна Европа, во 2011 година за збирката бајки за возрасни „Човечулец“ ја доби угледната меѓународна награда „Балканика“, а во 2022 година во најновата едиција на обемната, реномирана историја на европските книжевности „Les Lettres Europeenes“, неговата проза се анализира во поглавјето „Тенденции и современи фигури 1989-2021“, споредувајќи ја со нарацијата на инвентивни раскажувачи како Бартелми, Калвино…

На најновата книга есеи „Трибун, Хронистерик, Номад“ ѝ претходеа: „Дали Калимах беше постмодернист?“ (1994), „Патувања на сказната“ (1996), „Постмодерен Вавилон“ (2000), „Борхес и Компјутерот“ (2005), „Измислувајќи ја Европа“ (2014).

Книгата е во издание на „Супрема“ и достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.

Поврзани новости