Поранешниот прв човек на Државната изборна комисија, Александар Новакоски е еден од експертите кој се планира за претседател на работната група која треба да го изработи новиот Изборен законик, неофицијално дознава „Фокус“.
Ова следува откако ВМРО-ДПМНЕ не се одзва на поканата на Министерството за правда да предложи свој претставник, но и претседател на работната група која ќе треба да изработи целосно нов Изборен законик кој треба да биде усогласен со сите партии.
Иако првично беше планирано работната група да биде формирана до петок, од Министерството за правда за „Фокус“ велат дека истата ќе биде формирана наредната недела, кога и ќе ги откријат членовите експерти.
Очекуваме работната група за нов Избрен законик да се формира во текот на наредната недела. Тогаш ќе се утврди методологијата и начинот на работа на работната група а ќе се избере и нејзин претседател кој доколку не го предложи ВМРО ДПМНЕ ќе биде од редот на експертите, велат од Министерството за правда.
За тоа од кои институции и партии ќе има претставници во работната група, од Министерството во овој момент не сакаат да откријат. Велат членовите ќе ги соопштат откако групата ќе биде и официјално формирана.
За тоа дали ќе има промена на изборниот модел партиите ќе треба допрва да се договараат. Иако помалите парламентарни партии веќе имаат поднесено предлог- закон со моделот на една изборна единица и тој е влезен во собраниска процедура, со формирање на работната група тој паѓа во вода. Сега, ако нема консензус од партиите, изборниот модел нема да се менува.
Една изборна единица беше ветување на поранешниот премиер Зоран Заев дадено на помалите коалициони партнери кое никогаш не се реализираше. Иако предлог-законот за една изборна единица помина на собраниска комисија, претседател Талат Џафери повеќе од една година не го става на дневен ред. Законот е поднесен од ДС, ДОМ, ЛДП и ВМРО-Народна партија.
Катерина Смилева Божиновска