Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ, тајниот сопственик на Агенцијата за обезбедување „Рубикон“ доби 30-дневен притвор

by Fokus

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Притвор од 30 дена денеска доби Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ, кој фигурираше како таен сопственик на Агенцијата за обезбедување „Рубикон“, која кобната вечер на 16 март ја обезбедуваше кочанската дискотека „Пулс“, во која во страшен пожар загинаа 62 -ца млади луѓе и 200 беа повредени, потврдија извори за „Фокус“.

Според нашите информации, притворот е доделен поради опасност од бегство, но и влијание на сведоци и уништување на докази.

Веќе подолг период Фокус ја обработува оваа тема, во која во неколку наврати потврдивме дека тој е сопственикот на Агенцијата за обезбедување, иако не фигурираше никаде на хартија.

 

(АРХИВА) Тајниот сопственик на „Рубикон“ се крие зад ВМРО-ДПМНЕ!

Да се потсетиме која е Агенцијата за обезбедување и кој управува со неа. Историјата е позната. Според податоците од Централниот регистар, оваа компанија на бизнис-пазарот фигурира нецели три години, поточно од 5 септември, 2022 година.

Како сопственик и директор на компанијата се појавува Јане Јанчески, чие име не е познато во јавноста.  Но, ако малку повеќе се истражи, може да се забележи дека тој и не е толку непознат. Јанчески моментално е во притвор за страшните случувања во Кочани.

Податоците што ги откривме уште покажуваат дека тој е и заменик-директор на Центарот за безбедносни истражувања (ЦБИ), а како директор се јавува Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ од Пробиштип, за кој во јавноста се зборува дека индиректно е поврзан со Агенцијата за обезбедување. Всушност, тие двајцата работат заедно цело време.

Според податоците од Централниот регистар, ЦБИ има пет сопственици, меѓу кои Јанчески и Нацев, кој фигурира и како управител.

Меѓутоа, што значи Центар за безбедносни истражувања? Тоа е организација формирана во 2017 година и, како што пишува на нивната официјална страница, со цел да им се помогне на обичните граѓани.

„Мисијата на ЦБИ е да им помогне на обичните граѓани, но и на донесувачите на одлуки да го направат најдобриот избор при донесувањето одлука, притоа потпирајќи се на најдобрите информации. Решенијата што ги нуди ЦБИ се направени врз основа на најдобрите информации, најкредибилните методи и најдобрите експерти во одредената област“, се наведува во описот на нивната веб- страница.

Сепак, каде се гледа неговата поврзаност со актуелната Агенција за обезбедување? Компанијата „Рубикон“ според адресата е лоцирана на улицата Христо Татарчев бр. 79 во скопската населба Кисела Вода, на истата адреса каде што се наоѓа и Центарот за безбедносни истражувања, со кој управува токму Нацев од ВМРО-ДПМНЕ. Тука доаѓаме до првата конкретна поврзаност на вмровецот од Пробиштип со актуелната фирма.

КОЈ Е АЛЕКСАНДАР НАЦЕВ?

Но, кој е, всушност, Александар Нацев? Тој редовно се појавуваше на прес-конференциите на вмровците, каде што зборуваше за скандалите на претходната владејачка гарнитура. Нацев, на политичката сцена е најмногу активен во периодот кога ВМРО-ДПМНЕ беа во опозиција, па така тој најчесто зборува за наводните криминали од штабот во Белата палата.

Тој беше директор и на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, во периодот кога Никола Груевски беше премиер.

Според објавите во медиумите, тој во 2019 година заработи кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, казниво по член 353 став 5 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

,,Пријавениот, како директор на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации на Република Македонија, во периодот од 20.1.2015 до 3.8.2017 година, за свои лични потреби, а на штета на Буџетот на РСМ, злоупотребил буџетски средства во вкупен износ од 1.040.616 денари, додека со непочитување на законските одредби од Законот за јавни набавки и без спроведување постапки за јавна набавка, на штета на Буџетот на РСМ, за трети лица овозможил да се стекнат со имотна корист во вкупен износ од 660.594 денари”.

Обвинувањата беа дека пријавениот, без да донесе соодветни одлуки, акти и правилници за условите за користење средства за репрезентација, за патни и дневни расходи, извршил набавки на стоки и услуги што не биле поврзани со работењето на Дирекцијата, во вкупен износ од 1.040.616 денари и ги искористил за свои лични потреби.

Неговата поврзаност со официјалниот сопственик на „Рубикон“, Јанчески може да се забележи и преку Институтот за конзервативни политики „Сариса“, познат под името – прв конзервативен портал на кој можат да се најдат единствено изјави од министрите во владата на Христијан Мицкоски.

Податоците од Централниот регистар, исто така, покажуваат дека и овој Институт има пет сопственици, каде што повторно фигурираат и Нацев и Јанчески, а е формиран на 9 септември 2021 година. Заедничката бизнис-соработка меѓу официјалниот и неофицијалниот сопственик на „Рубикон“ се гледа на километар. Тие, своите заеднички бизниси ги разработуваат на повеќе полиња, но во притвор заврши единствено тој што фигурира на хартија.

Нацев, пред да се случи пожарот во Кочани, на својот фејсбук-профил имаше насловна фотографија од Агенцијата за обезбедување, но по  само еден ден по пожарот експресно ја промени и на нејзино место стави нова фотографија.

Тој, во моментот, е проректор за настава на Европскиот универзитет.

Една од неговите последни објави е токму на кобниот 16 март, поврзана со случувањата во Кочани.

Сочувство до фамилиите на сите 59 трагично згаснати животи во Кочани, меѓу кои има и мои блиски лица. Сакам да нагласам дека информациите за моја поврзаност со овој настан се дезинформација и шпекулација. Тоа се само обиди за блатантна политичка игра и добивање морбидни поени“, пишува Нацев во својата објава.

Тој, на овој начин очигледно сака да ја тргне неговата поврзаност со агенцијата за обезбедување „Рубикон“, но, сепак, доказите ја покажуваат другата страна на приказната.

Поврзани новости