Текстот е објавен во неделникот „Фокус“ во бројот 1544, на 8 мај 2025 година.
Пишувала: Ирена МУЛАЧКА
„СГС“ од минатото, а „Рубикон“ од поново време. Две агенции за обезбедување блиски до владејачката ВМРО-ДПМНЕ или барем до некој функционер од партијата. Првата е веќе 15 години на бизнис-пазарот, додека другата само што почна вртоглаво да се издига, со оглед на тоа што е формирана пред три години, но тендерската манија почна да ја тресе откако се смени власта и вмровците се преселија на Илинденска.
Знакчето на „Секјурити груп сервисис“ може да се најде залепено на училишта, детски градинки, институции… Сѐ уште работи турбо, а уште од самото формирање, во нејзина заднина се криеше името на екс шефот на тајната полиција Сашо Мијалков. Тоа го потврдија и „бомбите“, кои во 2015 година „експлодираа“ од Бихаќка, каде што јасно и гласно можеше да се слушне кој во заднина управува со оваа Агенција за обезбедување.
Тука има еден друг проблем, наводната кавга меѓу Мијалков и актуелниот премиер Христијан Мицкоски, но, сепак, тоа не го растури бизнисот на долгопознатата СГС.
Лека-полека, само година време пред повторно да дојде ВМРО-ДПМНЕ на власт никнува нова Агенција за обезбедување „Рубикон секјурити солушнс“ основана во 2022 година. Како и секогаш и по традиција, таа си има свој сопственик и управител што фигурира на хартија, но затоа, пак, во заднина конците ги влече некој друг.
На ваков начин, повеќето од компаниите блиски до одредена владејачка гарнитура ја прават истата шема, сѐ со цел да не се открие вистинскиот сопственик, за да не му наштетат на политичката или на функционерската кариера. Во зависност од тоа за каква позиција станува збор. Меѓутоа, тоа е веќе застарена и позната шема, па на крај сѐ испливува на површина.
Зошто е тоа важно и зошто Агенцијата за обезбедување „Рубикон“ е актуелна во моментов? Кој е вистинскиот сопственик, а кој во заднина управувал со компанијата, која во рок од година и пол почна да ги „запоседнува“ дел од дискотеките и училиштата?
Бизнис-кариерата вртоглаво почна да ѝ расте, но страшната трагедија во кочанската дискотека „Пулс“ ѝ ги помати бизнис-водите. Па, да почнеме од почеток.
ЧОВЕК НА ВМРО ВО ЗАДНИНА НА „РУБИКОН“
На 16 март во Кочани се случи најстрашната трагедија, која досега се случила во историјата на Македонија, каде што во пожар, во дискотека загинаа 62 млади луѓе. За само два часа, ова мало гратче се претвори во мртов град. Починаа седуммина од музичарите на бендот ДНК, кои таа кобна вечер ги забавувале младите во Кочани, но починаа и малолетници, како и млади од 18 до 45 години, а повредени беа повеќе од 200 луѓе. Сѐ на сѐ, страшен хорор, кој зацрни бројни семејства.
Таа трагична ноќ, задолжени за обезбедувањето за време на свирката била токму агенцијата за обезбедување „Рубикон“. Всушност, таа агенција цело време ја обезбедувала дискотеката, во која сигурно како и таа ноќ, и секоја друга биле пуштани малолетници да се журкаат. Но, трагедија се случува еднаш. Токму тој 16 март внатре на свирката на ДНК биле пропуштени повеќе од 30 малолетници, од кои шест од нив починаа, додека, пак, 25 беа повредени.
За тој дел од вината се припишува на обезбедувачите од Агенцијата, кои дозволиле малолетни лица да бидат таму по полноќ. Од нив дел се во притвор, за што потврдија и од Јавното обвинителство.
„Во истрагата од Агенцијата за обезбедување се осомничени вкупно шест лица, сопственикот и управителот. Потоа, овластеното лице на подружницата во Кочани и уште тројца вработени. Исто така, осомничено е и едно лице што не било вработено во Агенцијата, но било ангажирано за обезбедување и плус правното лице“, се наведува во одговорот од Обвинителството.
Засега, тие се водат како осомничени од „Рубикон“, но каков ќе биде крајниот исход, ќе покаже времето.
Да се потсетиме која е Агенцијата за обезбедување и кој управува со неа. Историјата е позната. Според податоците од Централниот регистар, оваа компанија на бизнис-пазарот фигурира нецели три години, поточно од 5 септември, 2022 година.
Како сопственик и директор на компанијата се појавува Јане Јанчески, чие име не е познато во јавноста. Но, ако малку повеќе се истражи, може да се забележи дека тој и не е толку непознат. Јанчески моментално е во притвор за страшните случувања во Кочани.
Податоците што ги откривме уште покажуваат дека тој е и заменик-директор на Центарот за безбедносни истражувања (ЦБИ), а како директор се јавува Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ од Пробиштип, за кој во јавноста се зборува дека индиректно е поврзан со Агенцијата за обезбедување. Всушност, тие двајцата работат заедно цело време.
Според податоците од Централниот регистар, ЦБИ има пет сопственици, меѓу кои Јанчески и Нацев, кој фигурира и како управител.
Меѓутоа, што значи Центар за безбедносни истражувања? Тоа е организација формирана во 2017 година и, како што пишува на нивната официјална страница, со цел да им се помогне на обичните граѓани.
„Мисијата на ЦБИ е да им помогне на обичните граѓани, но и на донесувачите на одлуки да го направат најдобриот избор при донесувањето одлука, притоа потпирајќи се на најдобрите информации. Решенијата што ги нуди ЦБИ се направени врз основа на најдобрите информации, најкредибилните методи и најдобрите експерти во одредената област“, се наведува во описот на нивната веб- страница.
Сепак, каде се гледа неговата поврзаност со актуелната Агенција за обезбедување? Компанијата „Рубикон“ според адресата е лоцирана на улицата Христо Татарчев бр. 79 во скопската населба Кисела Вода, на истата адреса каде што се наоѓа и Центарот за безбедносни истражувања, со кој управува токму Нацев од ВМРО-ДПМНЕ. Тука доаѓаме до првата конкретна поврзаност на вмровецот од Пробиштип со актуелната фирма.
ВМРОВЕЦ СО ТАПИЈА
Но, кој е, всушност, Александар Нацев? Тој редовно се појавуваше на прес-конференциите на вмровците, каде што зборуваше за скандалите на претходната владејачка гарнитура. Нацев, на политичката сцена е најмногу активен во периодот кога ВМРО-ДПМНЕ беа во опозиција, па така тој најчесто зборува за наводните криминали од штабот во Белата палата.
Тој беше директор и на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, во периодот кога Никола Груевски беше премиер.
Според објавите во медиумите, тој во 2019 година заработи кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, казниво по член 353 став 5 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
,,Пријавениот, како директор на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации на Република Македонија, во периодот од 20.1.2015 до 3.8.2017 година, за свои лични потреби, а на штета на Буџетот на РСМ, злоупотребил буџетски средства во вкупен износ од 1.040.616 денари, додека со непочитување на законските одредби од Законот за јавни набавки и без спроведување постапки за јавна набавка, на штета на Буџетот на РСМ, за трети лица овозможил да се стекнат со имотна корист во вкупен износ од 660.594 денари”.
Обвинувањата беа дека пријавениот, без да донесе соодветни одлуки, акти и правилници за условите за користење средства за репрезентација, за патни и дневни расходи, извршил набавки на стоки и услуги што не биле поврзани со работењето на Дирекцијата, во вкупен износ од 1.040.616 денари и ги искористил за свои лични потреби.
Неговата поврзаност со официјалниот сопственик на „Рубикон“, Јанчески може да се забележи и преку Институтот за конзервативни политики „Сариса“, познат под името – прв конзервативен портал на кој можат да се најдат единствено изјави од министрите во владата на Христијан Мицкоски.
Податоците од Централниот регистар, исто така, покажуваат дека и овој Институт има пет сопственици, каде што повторно фигурираат и Нацев и Јанчески, а е формиран на 9 септември 2021 година. Заедничката бизнис-соработка меѓу официјалниот и неофицијалниот сопственик на „Рубикон“ се гледа на километар. Тие, своите заеднички бизниси ги разработуваат на повеќе полиња, но во притвор заврши единствено тој што фигурира на хартија.
Нацев, пред да се случи пожарот во Кочани, на својот фејсбук-профил имаше насловна фотографија од Агенцијата за обезбедување, но по само еден ден по пожарот експресно ја промени и на нејзино место стави нова фотографија.
Тој, во моментот, е проректор за настава на Европскиот универзитет.
Една од неговите последни објави е токму на кобниот 16 март, поврзана со случувањата во Кочани.
„Сочувство до фамилиите на сите 59 трагично згаснати животи во Кочани, меѓу кои има и мои блиски лица. Сакам да нагласам дека информациите за моја поврзаност со овој настан се дезинформација и шпекулација. Тоа се само обиди за блатантна политичка игра и добивање морбидни поени“, пишува Нацев во својата објава.
Тој, на овој начин очигледно сака да ја тргне неговата поврзаност со агенцијата за обезбедување „Рубикон“, но, сепак, доказите ја покажуваат другата страна на приказната.
ОДЗЕМЕНА ЛИЦЕНЦА ЗА РАБОТА
Но, сепак, да се навратиме на Агенцијата за обезбедување. Како што веќе напишавме, таа на бизнис-пазарот е нецели три години, но како што дојде ВМРО-ДПМНЕ на власт, така турбо се разработија. Последната година за нив беше еден вид отскочна штица, но некако водите им ги помати трагедијата во Кочани.
Тамам почнале да работат и редовно да учествуваат на тендери се случува 16 март и тука некако стопира нивната засега актуелна кариера како Агенција за обезбедување.
„Фокус“ дојде до неофицијални информации дека лиценцата на Агенцијата и е одземена, за што побаравме потврда од Министерството за внатрешни работи.
„Ве известуваме дека веднаш по настанот од страна на ОВР Кочани е иницирана управна постапка за одземање на дозволата за работа на агенцијата за обезбедување „Рубикон“.
Врз основа на барањето од страна на Одделот за граѓански работи, Сектор за оружје, експлозивни и опасни материи, агенции за обезбедување и детективска дејност донесено е решение за одземање на дозволата за работа на наведената агенција“, информираат од МВР во изјава за „Фокус“.
Во моментот тие сѐ уште се членки на Комората на Република Северна Македонија за приватно обезбедување и тоа ќе трае се додека до нив не пристигне официјален допис за да може да се отпочне понатамошната процедура.
Тамам компанијата се разработи, за што покажуваат и податоците на Бирото за јавни набавки, пожарот во Кочани им го запре бизнисот. Тие само неколку дена пред кобната ноќ добиваат тендери за обезбедување на неколку средни училишта во Скопје.
Податоците уште покажуваат дека со средното училиште „Кочо Рацин“ склучуваат договор за обезбедување на 14 март, само два дена пред трагичниот настан во дискотеката „Пулс“. На тендерот се пријавиле три фирми, а како главен критериум е наведена најниската цена, па така „Рубикон“ ја склучува бизнис-зделката во вкупна вредност од 11.416 евра.
Додека, пак, само еден месец претходно, на 17 февруари годинава, компанијата склучува договор за обезбедување со средното училиште „Раде Јовчевски Корчагин“, во вредност од 19.186 евра. На тендерот учествувале дури шест компании, кои се бореле да го преземат училиштето.
На Бирото за јавни набавки може да се забележи дека едно по едно елитните средни училишта завршуваат во рацете на „Рубикон“, а меѓу нив е и „Ѓорѓи Димитров“, со кој склучиле договор на 5 септември лани, во вредност од речиси 10.000 евра. Екипата на „Фокус“ провери во ова училиште, каде што обезбедувачите, и покрај одземената лиценца, ја покриваат областа.
Нејасно е дали по одземањето на дозволата за работа постои одредена процедура, па тие сѐ уште работат и ги покриваат училиштата.
На оваа листа можат да се најдат и средните училишта „Димитар Влахов“ и „Марија Кири Склодовска“, на кои како што им изминува договорот со претходната Агенција за обезбедување, така склучуваат нови договори.
Претходно, како што веќе објави „Фокус“ уште во 2022 година, неколку месеци откако актуелната скопска градоначалничка Данела Арсовска стапи на функција и сѐ уште беше во добри односи со вмровците, мистериозната СГС го доби тендерот за обезбедување на средните училишта.
И последните податоци на БЈН покажуваат дека Агенцијата за обезбедување блиска до Мијалков учествува на сите тендери за обезбедување на училиштата, но, сепак, во тој дел е истисната од новата „Рубикон“.
Историјатот на промени од Централниот регистар покажува дека Агенцијата има четири подружници, и тоа една во Скопје, Кичево, Струмица и во Кочани. Тука, пак, доаѓаме до поврзаноста на Нацев со агенцијата за обезбедување, со оглед на тоа што подружницата во главниот град е лоцирана на улицата Пиринска во скопски Центар, каде што е и Институтот „Сариса“ со кој управува токму Нацев.
Тој, на локалните избори во 2021 година се надевал дека ќе биде еден од кандидатите за градоначалник на Пробиштип, од, како што вели во едно од интервјуата, од неговата матична партија ВМРО-ДПМНЕ, но, сепак, партијата довербата ја дава на Драган Анастасов, кој во моментов е прв човек на оваа општина.
Факт е дека Нацев колку и да сака да се држи настрана, сите информации водат кон неговиот лик и дело. Сепак, тој засега не е опфатен со истрагата, бидејќи неговото име никаде не фигурира на хартија. Така секогаш стојат работите во Македонија. Главните се спасуваат, а ситните риби завршуваат зад решетки. За жал!
„РУБИКОН“ ГО ИГНОРИРА „ФОКУС“
„Фокус“ испрати и неколку прашања до Агенцијата за обезбедување „Рубикон“:
- 1. Може ли да ни дадете информации колку дискотеки обезбедува вашата Агенција и кои се?
- Колку вкупно вработени имате?
- Дали поседувате важечка лиценца за работа?
- Зошто не сте членови на Комората за Република Македонија за приватно обезбедување?
- Кои други објекти или настани ги обезбедувала оваа агенција?
Но, сепак, до затворањето на неделникот од компанијата не добивме повратни одговори.
ДУИ: ДАЛИ „РУБИКОН“ СЕ ШТИТИ ПОРАДИ ВРСКИТЕ СО ВЛАСТА?
Од ДУИ неколку пати обвинија дека оваа агенција е блиска до владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.
-Владата има обврска да му даде на јавноста јасни одговори:
• Кои се другите клиенти на „Рубикон“?
• Дали имале регуларни безбедносни договори и лиценцирани обезбедувачи?
• Дали МВР некогаш извршило инспекција или контрола врз оваа агенција?
• Дали оваа компанија се штити поради нејзините врски со власта?
• Дали е вистина дека агенцијата уценува компании да ја ангажираат, повикувајќи се на нејзината блиска поврзаност со високи партиски авторитети?, прашаа неодамна од ДУИ.