Во Бугарија денес се одржуваат третите по ред парламентарни избори, во пакет со избори за претседател на државата. Во овој период на политичка нестабилност, политичката сцена во Бугарија прилично се искомплицира.
Па, се поставува прашањето каков исход на двојните избори може да се очекува? И, како тоа ќе влијае врз односите со Македонија, како и врз можноста земјава во декември да започне преговори со ЕУ?
Александар Марков, новинар во Бугарската национална телевизија (БНТ), за Фокус вели дека, според истражувањата на јавното мислење, ГЕРБ на Бојко Борисов е се уште водечка партија, меѓутоа, како што нагласува, ќе им биде потребно да соберат коалициски партнери за да формираат парламентарно мнозинство и влада.
-Ако ГЕРБ не успее во тоа, прашањето е дали ќе успее втората сила, односно Продолжува промената или Бугарската социјалистичка партија, да соберат доволна поддршка за коалиција, која би функционирала 4 години – вели Марков.
Во контекст на Македонија, тој посочува дека Продолжува промената на поранешните министри Кирил Петков и Асен Василев најавуваа дека ќе поддржат членство на Македонија во ЕУ, но без цената за тоа да биде бугарскиот суверенитет или правата на бугарските граѓани.
-Сепак, прашање е колку сега декларираните позиции ќе се менуваат или не по изборите, односно колку се за внатрешна употреба – истакнува Марков.
Според него, без оглед кој ќе ја формира и како ќе изгледа идната бугарска влада, позицијата на Бугарија е во голема мера формирана со Рамковната позиција во парламентот од 2019 година и со Договорот за пријателство и добрососедство од 2017 година.
-Засега, има само неколку политички актери кои даваат сигнали дека ќе го сменат својот став без да се исполнат релевантните услови од страна на Софија, од кои главниот – целосно почитување на Договорот од 2017 година – коментира Марков.
Воедно, тој предочува дека периодов стана сосема јасен ставот кон Македонија и на бугарскиот претседател Румен Радев, кој, според сите анкети, ќе добие уште еден мандат.
-Може да се очекува промена во односите Софија-Скопје, кога ќе се забележи напредок во имплементацијата на Договорот од 2017 година. Оваа позиција ја поддржува околу 80 отсто од населението – заклучува новинарот на БНТ, кој подолг период ги опсервира политичките настани и случувања во Бугарија.
Сите учесници на изборите во Бугарија и нивните ставови кон Македонија
В.С.