Финалистите на регионалното музичко шоу Ѕвездите на Гранд, Александар Јосифовски кој го освои второто место и Белма Хусеинефендиќ која беше пласирана меѓу првите десет, ќе настапат со дуетска песна на Охрид Фест 2022. На 29-то издание на фестивалот, тие ќе се претстават на 3-ти септември, на Интернационалната вечер.
Дуетот е насловен „Глупаво е да си сам“, а го потпишуваат Горан Шарац-музика, Огнен Неделковски- текст и Александар Валенчиќ- аранжман.
Со Белма се знаеме од предминатата сезона – вели Александар – и некако веднаш се споивме со тие наши енергии. Од тогаш сакаме да направивме нешто заедно, секоја средба кулминираше со муабет за дует, кој еве ќе се случи на „Охрид Фест“.
Штом Горан Шарац ми ја пушти песната, си реков- тоа е тоа! Му благодарам што му текна на нас, што еве музички ја спојуваме Македонија и Босна и со здружени сили очекуваме добар фидбек од публиката. Инаку, кога и се јавив на Белма со веста дека ќе правиме дует, таа веднаш се согласи, а дури отпосле ја слушна песната.
И така тргна: снимањето беше на две страни- таа во Босна, јас – тука, бевме воодушевени кога ја слушнавме и, да, едвај чекаме да настапиме! Додава дека спот за дуетот ќе се снима во септември и ќе ја има нивната енергија. „Глупаво е да си сам“ ќе се снима и за Гранд продукција, во српска верзија.
Вики Клинчарова