Охридскиот рокер Александар Јосифовски, кој се стекна со голема популарност во регионот по учеството во „Ѕвездите на Гранд“ со песна и видео спот ја опиша својата борба со зависноста – алкохолот.
Тој објави дел од видео записот за неговото ново дело, нумерата „Још дан за нас“, а наскоро се очекува и промоција.
Текстот и музиката се на Бане Опачиќ, а Александар бил задолжен за аранжманот.
Во извадокот од спотот се гледа дека станува збор за песна во која е прикажана битката со алкохолизмот на млад човек.
Јосифовски отворено проговори за својот порок за време на финалето на шоуто „Ѕвездите на Гранд“. Кажа дека најголема поддршка му била сопругата Теодора и менторот Ѓорѓе Давид.
Проблемот му започнал уште во тинејџерските денови, а како што раскажа, заминал на одвикнување за време на натпреварувањето во шоуто.
– Пред финалето заминав на лекување. Одев на сеанси и примив блокатори. Тоа е лоша работа, после блокаторите стануваш алергичен на алкохол и беше тешко. Додека си во болница си чист, но кога ќе излезеш никој не ти верува, ниту самиот не верував дека нема да пијам алкохол, затоа и се плашев од блокаторите – изјави тој за српските медиуми и истакна дека тоа бил тежок период.
Рокерот веќе снима авторски песни, а лани беше специјален гостин на концертите на Лепа Брена во Америка, за време на нејзината турнеја. Иако на натпреварувањето на „Ѕвездите на Гранд“ го освои второто место, голем број на искусни регионални музичари му предвидоа голема кариера.
Вики Клинчарова