Александар Ѓорчевски, обвинет за помагање во грабнувањето на неговата ќерка Вања Ѓорчевска пред Основниот кривичен суд Скопје за случаите со грабнувањата и убиствата на Вања и велешанецот Панче Жежовски му се обрати на првообвинетиот Љупчо Палевски барајќи од него да каже зошто е убиена Вања.
„Во текот на целиот судски процес мижам во просторијата, меѓутоа внимателно го слушам секој збор. Сега, кога се приближи при крај процесот, имам чувство на непотполност на вистината која очекував да ја дознаам. Токму поради тоа и од тие причини му се обраќам на Палевски, кој после мене остана уште тој да даде завршни зборови, не со говори во часови, туку во пет-шест реченици да каже зошто ми е убиена Вањичка”, рече Ѓорчевски.
На денешното рочиште за убиството и грабнувањето на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, бранителот на првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо, Јовица Страшески, во завршните зборови побара ослободителна пресуда за него.
Страшевски меѓудругото посочи дека Основното јавно обвинителство Скопје не ја докажало вмешаноста во двата кривично правни настани на неговиот клиент, дека не прикажало ниту еден конкретен доказ со кој би се докажала неговата вина, како и дека не постои никаква трага, слика или некаков материјален доказ дека Палевски ги извршил кривичните дела.