Алекс Џонс мора да плати речиси милијарда долари отштета поради ширење на теории на заговор

by fokus

Десничарскиот теоретичар на заговори Алекс Џонс мора да плати најмалку 965 милиони долари како отштета на бројни семејства на жртвите на масакрот во училиштето „Сенди Хук“ во 2012 година. Причина се лагите кои ги ширел за масакрот, односно лажното тврдење дека тоа биле актери кои ја лажирале трагедијата, соопшти поротата во Конектикат во средата.

Џонс е осуден за клевета и треба да им плати вкупно 965 милиони долари отштета на семејствата на жртвите.

Пред 10 години дваесетгодишник застрела 20 деца и шест учители во Њутаун, Конектикат. Потоа се застрела и самиот. Тужбата ја поднесоа роднините на децата и на учителите убиени во масакрот.

Теоретичарот на заговори и основач на десничарскиот портал Infowars со години тврдеше дека масакрот во „Сенди Хук“ всушност не се случил, туку дека сето тоа било исценирано со актери со цел да се донесат построги закони за оружје.

Пресудата, која уследи по три недели сведочење во државниот суд во Вотербери, Конектикат, далеку ги надмина 49-те милиони долари кои Џонс требаше да ги плати во август врз основа на пресуда на поротата во Тексас во сличен случај што го поднесоа уште двајца родители.

Пресудата во Конектикат се однесува и на Џонс и на неговата компанија, „Фри спич системс ЛЛЦ, сопственик на веб-страницата на Џонс, Infowars. „Фри спич системс“ поднесе барање за стечај во јули.

Тужителите во случајот во Конектикат вклучуваа повеќе од десетина роднини на 20 деца и шест членови на персоналот кои беа убиени во основното училиште во декември 2012 година. Џонс со години тврдеше дека масакрот бил инсцениран како дел од владин заговор да им се одземе оружјето на Американците.

Поротниците рекоа дека на тужителите треба да им се доделат и адвокатските трошоци, кои треба да се утврдат во ноември.

Поврзани новости