Битиќи минатата недела мораше да слуша навредливо прашање од новинар, кој е зачуден од можноста, во случај на неуспешни претседателски избори, спикерот, кој е Албанец, да стане вршител на должноста претседател на РС Македонија. Премиерот даде еден одличен одговор за вредностите што ја раководат неговата партија, а можеше само да каже: Па што, ако претседател е Албанец
Пишува: Денко МАЛЕСКИ
Војните во Југославија покажаа колку бргу може да се сосипе една мултинационална држава, кога нејзините политичари ќе заиграат на картата на национализмот.
Тој малиген национализам отпочна со неумерениот збор на екстремистите и пасивноста на умерените.
Демократија, имено, може да се устоличи и да се сочува само ако се бориме за неа исто како што, со умерен збор и на дело, мораме да се бориме за добри меѓуетнички односи.
Во Македонија, за разлика од Израел и Газа, добрите меѓуетнички односи се плод на една континуирана политика на прилагодувањето на нашиот политички систем на етничката карта на нашата држава во услови на демократија.
Плод на соочување со желбата за слобода и рамноправност на сите и на сознанието дека без лојалноста на албанската популација кон Скопје, а не кон Тирана или Приштина нема македонска држава.
Не е потребно многу за етничка експлозија. Вакуумот што настана кога во сила беше Устав, кој дозволуваше мајоризација врз волјата на албанските пратеници во парламентот по политики што го засегаа нивниот идентитет, беше пополнет со насилство во 2001 година.
Поуката требаше да биде дека, од сега натаму, рамноправноста е нашата долгорочна политика. Македонија ја сочува својата унитарност откога сите страни ѝ дадоа поддршка на оваа идеја на рамноправност.
Но, унитарноста подразбира дека, освен прашањата што се однесуваат на идентитетските права на Албанците и тие што се изгласуваат со „Бадинтерово мнозинство“, другите државни политики се усвојуваат со мнозинство гласови.
МАКЕДОНЦИ ПОЛНИ СО ГНЕВ
Во нивното креирање учествуваат и Албанците, но бројчано доминантни сме ние Македонците. Тоа не мора да биде така. Светската пракса потврдува дека може да биде и поинаку, а системот и натаму да е демократски.
Реакцијата на албанскиот национализам на македонскиот национализам може да биде барање консензуално, а не со мнозинство гласови, да се креираат сите државни политики: во финансиите, одбраната, социјалните политики, надворешната политика, земјоделието и индустријата…
Сѐ зависи од тоа кои политички сили доминираат во меѓуетничкиот дијалог. Предупредувачки и разумни се зборовите на претседателот на Алијансата за Албанците, Таравари, во интервјуто за „Фокус“:
Како реакција на македонскиот национализам, вели тој, „ќе се отвори Пандорината кутија. Исто како што излегува Левица кај Македонците, гарантирам – нека излезе една албанска партија и нека каже е против државата, ќе ја поделиме, ќе направивме вака-така, веднаш ќе добие гласови.
Тоа е наједноставниот начин да добиеш гласови кај албанскиот блок. Не зборуваме за војна, тука нема ни кој да војува веќе, туку за организацијата на државата за која е легитимно да се зборува“.
Еден од изворите на македонскиот национализам е што една нова генерација Македонци секојдневно се полни со гнев дека сме онеправдани.
Дека Албанците ја водат државата и дека само што не завладеале со сите најважни функции, вклучувајќи ја и претседателската.
Не знаат дека унитарниот карактер на државата, согласно словото на Уставот, овозможува, така да се изразам, доминација на Македонците во сите главни државни политики. Ако умно го користат тој принцип на унитарност, преку умни политики што ќе обезбедат напредок на земјата, безбедност и благосостојба за сите, принципот ќе живее.
ПА, ШТО АКО Е АЛБАНЕЦ?
Во спротивно, може да следат нови барања кои би воделе кон некаква форма на федерализација.
Во последно време, националистичкиот гнев го произведува бројот на албански министри, кои, со својата активност, доминираат со јавната сцена на СР Македонија.
Дали треба да се води сметка за пропорцијалната застапеност на министрите? Се разбира. Но, тоа е техничко прашање.
Државните политики во парламентот се усвојуваат со мнозинство гласови од пратениците што ја става најголемата етничка заедница, Македонците во доминантна позиција.
Згора на тоа, СДСМ се декларира за македонска, но и граѓанска партија отворена и за Албанците, и прави обиди да пружи рака преку етничките поделби. Тоа значи дека оваа партија не дискриминира по основ на етничка припадност. Напротив.
Нејзин потпретседател е Битиќи, кој со својот благ и загрижен глас секојдневно се обидува да ја оправда довербата кај Македонците и, претпоставувам, да ја ублажи недовербата кај Албанците.
Наместо признание, минатата недела мораше да слуша навредливо прашање од новинар, кој е зачуден (можеби дури и згрозен?) од можноста, во случај на неуспешни претседателски избори, спикерот кој е Албанец да стане вршител на должноста претседател на РС Македонија.
Премиерот даде еден одличен одговор за вредностите што ја раководат неговата партија, а можеше само да каже: Па, што ако претседател е Албанец.
Инаку, емитувајќи го одговорот на Ковачевски, матичната телевизија на новинарот упорно ја сечеше неговата мисла по првата реченица. Тоа не е дозволено. Ако во редакцијата сметаат дека така се урива само владата, грешат. Така се урива демократија, така се урива и држава.