Албанскиот Парламент „пресуди“, ќе се руши Националниот театар

by fokus

Албанскиот Парламент, без присуство на опозицијата, со 75 гласови „за“ниту еден против или воздржан, го усвои законот за Националниот театар.

Законот е со одредени мали измени кои ги направи самата, откако не го потпиша претседателот Илир Мета и го врати на повторно разгледување.

Измената се однесува на тоа дека ќе биде распишан тендер на кој може да се јави секој заинтересиран да гради на оваа локација под услов да изгради и нов објект за Национален театар.

Албанските медиуми оценуват дека со изгласувањето на законот, кој е уникатен по својата природа, Владата го отворила патот кон уништување на театарот и изградба на повеќекатници, што е случај без преседан во Албанија.

На гласањето не присуствуваше премиерот Еди Рама,кој по кусото обраќање од собраниската говорница во кое опозицијата ја обвини за дволичност, додаде дека на постојниот објект на театарот му дошол крајот и оти тој не може да се реставрира си замина.

Во собраниската сала не присуствуваше и Пандели Мајко, пратеник и министер за дијаспора, бидејќи престојувал во Дреница на свеченоста за откривање споменик на Фехми Ладровци и Џеве Красниќи-Ладроци загинати во косовската војна.

Според албанските закони, пратениците и доколку бидат избрани за членови на владата и понатаму го задржуваат пратеничкиот мандат.

Во салата беа тројцата пратеници на Партијата за правда, интеграција и единство ,позната како „партија на Чамите“, која деновиве ја напушти владината коалиција и се приклучи кон обединетата опозиција. Но, уште тогаш пратениците кажаа дека остануваат дел од владејачкото парламентарно мнозинство.

Националниот театар се смета за еден од најубавите и најзначајните објекти по кој е препознатлива албанската метропола.

Тој е дело на италијанскиот архитект Џулио Берте, изграден 1938/39 година  по барање на албанското кралско семејство.Целиот комплекс „Национален театар“ опфаќа површина од 13 илјади квадратни метри а на 7 илјади е објектот во кој освен тетатарот се и библиотеката, центарот на преведувачи, информативниот центар и слично. Нов театар ќе се гради на друга локација.

Против негово рушење е опозицијата,поголемиот дел од актерите и дел од граѓанскиот сектор.

Поврзани новости