Алијанса за Албанците ќе го стави на маса пред работната група за уставните измени и предлогот формулацијата „јазик што го зборуваат 20% од населението“ да се замени со албански јазик. Од партијата велат дека ќе го искористат случајот за заедно со вметнувањето на Бугарите во Уставот да биде предложен и ваков амандман.
„Да, ќе предложиме замена на 20% и правилно именување на албанскиот јазик во Уставот. Ја поздравуваме изјавата на претседателот Пендаровски кој го поддржа нашиот предлог и ги покануваме и другите партии да го следат примерот, да се придржуваат на јавните ветувања, да дојдат во работните групи и да ја коригираме еднаш засекогаш оваа неправда“, велат од Алијанса за Албанците.
Од Владата, пак, стравуваат дека ова може да биде злоупотребено од страна на опозицијата. Според министерот за надворешни работи, Бујар Османи, опозицијата може да го злоупотреби албанското прашање за да ги блокира евроинтеграциите.