Албанскиот опозициски фронт изрази поддршка за судиите од Врховниот суд, кои, како што велат, се под страшен притисок со барањата за враќање на Никола Груевски.
„Како што знаеме и како што добивме информации од свиркачи, ДУИ и одредени поединци кои се инсталирани во раководството на оваа партија продолжуваат да вршат невиден притисок врз судиите од овој суд, со што докажуваат дека тие од политичка партија се претвориле во тиран, и дека со нивната сила и политичка моќ сакаат да го убијат секој столб на демократијата.
Тоа воопшто не е за чудење, туку е уште еден показател кој треба да ни послужи како освестување за сите нас, дека оваа политичка партија стана синоним на лицемерие, дејствувајќи против секоја европска вредност додека се повикува на истите.
Не можете да бидете проевропски и да вршите притисок врз судството. Не можете да бидете проевропски и да бидете дел од секоја коруптивна афера. Не можете да бидете проевропски и да дејствувате против демократијата“ порачаа од опозицискиот фронт.
Според нив, ова е уште еден показател дека ДУИ не е заинтересирана за ЕУ и уставните измени.
„Тие имаат потреба Груевски да се обиде да направи политички пазарења со ВМРО-ДПМНЕ за влез во концентрациона влада, пазарејќи се со идните пратеници на СДСМ. Искрено жалам за нивото на кое паднаа Али Ахмети и ДУИ, а тоа народот жестоко ќе го казни на денот на изборите“ велат од Албанскиот опозициски фронт.