Албанскaта опозиција најави сигурна победа на изборите, приоритет им се евроинтеграциите и борбата против корупцијата

by Fokus

Под заедничкото име „Европски сојуз за промени“, албанската опозиција најави убедлива победа на претстојните избори.

Лидерите на опозициските партии од албанскиот блок Демократско движење, БЕСА и Алтернатива денеска на плоштадот Скендербег во Скопје ја најавија нивната коалиција. Како што рекоа, прироитет ќе им бидат евроинтеграциите и борбата против корупцијата.

Обединети под името „Европски сојуз за промена“ упатија порака кон нивниот најголем ривал ДУИ.

Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши рече дека не планираат да прават компромиси со интеграцијата на земјата во ЕУ, а разликата со другите им е дека не се залагаат за застарување на кривични дела и амнестија. Притоа тие се за внесување на Бугарите во Уставот, но укинување на 20 отсто како дефиниција за албанскиот јазик.

„Крајно време е навредливите уставни формулации за албанскиот јазик да станат минато. Важно е да се исполни преземената обврска за внесување на Бугарите во Уставот“, рече Гаши.

Лидерот на БЕСА, Биљал Касами рече дека ДУИ ќе бара сламка за спас и ќе се обиде да направи раздор меѓу нив.

„На Али Ахмети и на сите негови слуги сакаме да им порачаме следното… Подготвени сме.Прочитани сте.Тргаме во битка за искоренување на злото кое го произведувате за албанскиот народ“ порача Касами.

Целта, како што рече лидерот на Демократско движење, Изет Меџити, е да се стави крај на лошото владеење и да се донесат промени, бидејќи, според него, ДУИ е со изминат рок и во неа се инсталирани грст криминални пратеници, кои работат за лични интереси.

„Ќе ја донесеме долгоочекуваната промена на албанската политичка сцена во земјата, а за ова нашата врата е широко отворена и ни треба секој чесен и праведен човек за ослободување на земјата од канџите за оние кои повеќе се грижат за својот џеб, отколку за иднината на албанскиот народ“, истакна Меџити.

Тие најавија дека заеднички ќе настапат на претстојните избори и дека очекуваат да бидат победници.

Поврзани новости