Албанската опозиција од коалицијата „Европски сојуз за промени“, вечерва упати ултиматум до Владата повторувајќи го своето барање за член во Државната изборна комисија. Ако тоа не се случи до 31 декември, тие најавуваат дека ќе го напуштат и дека ќе го бојкотираат Собранието.
-Како коалиција сакаме да објавиме дека имаме конкретно барање до 31 декември Собранието да го изгласа нашиот предлог за член на ДИК. Ако не го изгласаат ние ќе го напуштиме Собранието, значи ќе го бојкотираме Собранието – истакна лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, по вечерашниот брифинг со новинарите што се одржа заедно со лидерите на Демократското движење и Беса, Изет Меџити и Билал Касами.
На прашањето дали ќе гласаат за Талат Џафери да биде премиер во техничката влада, Гаши рече дека без да се разјасни работата за членот на ДИК и за фер и демократски избори нема простор да се зборува за другите работи.
-Ние ќе бојкотираме во Собрание и ќе преземеме други радикални мерки за да и биде јасно на власта дека така не може да се оди на избори, а од друга страна целата одговорност да им припадне нив затоа што тие го предизвикуваат ова – рече Гаши.
Тој додаде дека тие имаат пратеничка група и дека сакаат да делуваат во Собранието, но, како што кажа, со ваков дискриминаторски пристап не можат да продолжат со делување во Собранието.
Меџити, пак, изјави дека коалицијата ќе биде алтернатива за граѓаните и за гласачите, дека нема да бидат класична опозиција само да критикуваат и дека ќе одат чекор понапред со нивни предлози и со нивна визија.
-Во однос на интеграциите сите тројца елабориравме дека ние сериозно сме посветени на тоа, нас ни треба Влада од 80 пратеници, Влада што четири години ќе работи во таа насока, а не Влада што ќе збори за интеграции а ќе прави корупција – нагласи Меџити.
Касами истакна дека седмиот член на ДИК не е само еден член, туку е целиот ДИК, и дека тие инсистираат на седмиот член за албанската опозиција да има еднаква можност за политичка ротација.