Министерот за надворешни работи Бујар Османи како претседавач на ОБСЕ ја злоупотребил функцијата да влијае врз набљудувањето на изборите следната година, обвинија лидерите на албанските опозициски партии Изет Меџити, Билал Касами и Африм Гаши.
„До нас стигнаа информации дека Бујар Османи претседателствувањето со ОБСЕ сака да го злоупотреби за влијание врз одлуката на бројот на набљудувачи врз изборниот процес. Знаеме на што се способни за да го сочуваат богатството, затоа здружената албанска опизиција има легитимитет да бара соодветна застапеност во ДИК. Сметаме дека е целосно ирационално да се прави двоен трошок, но сакаме да ги чуеме аргументите на СДСМ и ДУИ со кои ќе го бранат ставот да има одвоени избори“ изјави Касами.
Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши ги објасни трите услови на албанската опозиција за евентуално формирање на влада со некоја македонска партија ако ги добијат изборите.
„Ние како опозиција сме потполно уверени дека нема да правиме никакви компромиси на патот кон ЕУ и затоа здружената опозиција ќе прави влада со оние кои сакаат да го продолжиме патот кон ЕУ. Вториот наш услов е уставниот амандман за незастарување на политичка корупција. Наша цел е да ставиме крај на збогатувањето на функционерите со парите на народот. Тие дела не треба да застарат никогаш. Третиот услов е формулацијата за албанскиот јазик и сметаме дека таа е понижувачка и треба да стои само „албански јазик“ – истакна Гаши.
Меџити пак рече дека ДУИ се пазарат со ВМРО-ДПМНЕ за концентрациона влада по изборите.
„Нашите извори кажуваат дека ДУИ одамна е откажана од уставните измени и единствената причина за враќањето на Груевски е на таков начин да издејствуваат пазар со ВМРО-ДПМНЕ. Ќе им ја испорачаме фактурата за кокетирањето со Груевски. Врвно лицемерие е манипулацијата на ДУИ дека тој ќе ни ги донесе европските вредности од Будимпешта.