Институтот за статистика – ИНСТАТ денеска објави дека во периодот јануари – септември годинава Албанија ја посетиле 9.680.030 странски туристи или 16,7 отсто повеќе во однос на истиот период минатата година, кога таа бројка била 8.294.600 туристи.
– Целта на влез на албанска територија на странските државјани, во над 90 отсто, е поради одмор и посета на роднини. Во 9-месечниот период е забележан значителен пораст на влезот на странски државјани за деловни и професионални цели – стои во извештајот.
Над 9,2 милиони странски државјани кои ја посетиле земјата биле од Европа, околу 260.000 американски државјани и над 77.000 од источна Азија и Пацификот.
– Во меѓувреме, бројките го покажуваат трендот кон туризмот во текот на целата година. Само во септември бројот на странски државјани кои влегле на албанска територија е 1.146.090. Овој број е поголем за 3,8 отсто во однос на истиот период од 2023 година – наведуваат од ИНСТАТ.
Минатата година Албанија ја посетија над 10 милиони туристи што беше за 2,5 милиони повеќе споредено со претходната година. Оправдано се очекува дека оваа календарска година ќе биде запишана како златна година на албанскиот туризам.