Албанија размислува да ги угаси ТикТок и Снепчет

by Fokus

Албанскиот премиер Еди Рама вчера изјави дека ќе даде предлог за гасење на социјалните мрежи ТикТок и Снепчет на територија на нашиот западен сосед. Рама по вчерашната владина седница рече дека дилемата е дали да се постават услови за нивно користење или целосно да се забранат двете социјални мрежи.

„Секој родител е сведок дека пристапот до социјалните мрежи е овозможен за секого. Го истражувавме ова прашање следејќи што прават другите земји за да го намалат притисокот што постојано се зголемува. Слични иницијативи се покренати и во Австралија, каде на децата помлади од 15 години им е забрането да користат телефон. Нашата дилема е дали да одиме во насока на инсталирање филтри кога во сите досегашни искуства научивме дека нивната ефикасност е ниска, додека стимулацијата за насилство во онлајн светот само се зголемува или да преземеме драстични мерки и да ги угасиме ТикТок и Снепчет“, рече Рама.

Тој изјави дека за укинувањето на овие социјални мрежи ќе се разговара во сите заедници на родители и дека ќе бидат ангажирани сите училишта под покровителство на Министерството за образование за да се донесе што е можно подемократска одлука за ваков сериозен проблем.

Во понеделникот, ученик во основно училиште во Тирана избодел 14-годишно момче, за што најголем дел од вината е префрлена на социјалните мрежи кои се сметаат за извор на насилство.

Поврзани новости